Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и генералниот секретар на партијата Игор Јанушев остварија средба со претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, и генералниот секретар Арјанит Хоџа.
Од Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека лидерите се договориле во иднина да продолжат со ваквите средби во насока во која ќе дадат импулс во јакнење на демократскиот амбиент и заедничката борба против актуелната власт.
На средбата станало збор и за актуелната политичка состојба, за стратешките интеграции на Република Македонија, како и искористувањето на потенцијалите за соработка.
„Беше констатирано дека актуелната власт ги има закочено интеграциските процеси, кои треба да се динамизираат со крупни реформи што досега не се реализирани“, велат од опозицијата изнесувајќи ги заклучоците од средбата.
Во рамките на состанокот било посочено дека останува акутен проблем постоењето корупција на високо ниво, отворени сомнежи за криминал на раководни структури на власта, како и сериозни аномалии и отсуство на волја за воспоставување на владеење на правото и правната држава.