Дали Зоран Заев се подготвува за најголемиот грабеж во историјата на независна Македонија?
Доколку нашите сомневања се потврдат ТАТ на Црвенковски, бонбона бизнисите на Шекеринска и актуелните рекетарски октоподи ќе бидат детска играчка за половина милијарда евра колку што планира Заев да ја задолжи Македонија пред комерцијалните банки, наводно за изградба на нов клинички центар, истакна Игор Николов – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Внимавајте, не пред Европската банка за обнова и развој, туку во комерцијална банка, по комерцијални услови, во банка која се интересира само за профит.
Не сака Зоран Заев некоја институција како развојна банка на ЕУ да го контролира процесот, како се трошат парите од заемот. Тој сака да ги троши без контрола, колку и да е повисока каматата.
Дозволете да прочитам дел од Изборната програма на СДСМ, „План за живот во Македонија“ страна 137: „Ќе изградиме современ и функционален Универзитетски клинички центар во Скопје кој ќе обезбеди високо квалитетни здравствени услуги на населението во целата држава“.
Потоа истото е наведено и во „Планот 24 месеци – итни реформски приоритети на новата Влада во првите 2 години“ на страна 253. Значи новиот клинички да е готов за две години од доаѓањето на власта.
Владата на СДСМ и Зоран Заев, сега најавуваат дека ќе не остават да се чекаме уште околу десет години за нов клинички центар, и тоа, дека сега се почнува да се преговара за кредит со комерцијални банки иако немаат проект. И секако за кредитот вчера јави министерот за здравство дека ќе преговара лично министерот за финансии односно Зоран Заев.
На последната седница на Владата, јавноста само слушна дека „помина информацијата за финансирањето на изградба на новиот клинички центар“. Новиот клинички предвидено е да чини половина милијарда евра, но, не се даде информација како е дојдено до таа сума, и колку пари вкупно ќе треба да се вратат на банките. Плус граѓаните ќе треба веројатно да чекаат до 2030 година.
Министерот Филипче и премиерот Заев треба да дадат одговор на следните прашања:
Прво, колку ќе се задолжува државата за новиот клинички центар, поточно под кои услови? Дали е сеедно да се земе кредит од комерцијална банка или од развојни банки? Бидејќи клиничкиот центар ќе се плаќа со пари на народот.
Второ, додека не се изгради новиот клинички центар, односно следните 10 години дали граѓаните ќе се лекуваат во руинираните згради на клиничкиот центар „Мајка Тереза“ или имаат некаков план и програм за реновирање?
Трето, граѓаните на Драчево, Студеничани, Зелениково дали ќе треба да се лекуваат во Скопје или во Велес?
Почитувани,
Најголема небулоза и штета за здравството на оваа Влада беше одлуката да не се гради стариот клинички центар на локација, за каде веќе беше потпишан договор за финансирање од развојна Банката на Советот на Европа.
За потсетување, според договорот клинички требаше да биде готов за сума од околу 120 милиони евра, а сега цената со еднострана одлука се покачува на 500 милиони евра иако нема никаков проект, нема план за нов клинички центар.
Заев и Филипче, со оваа одлука покажуваат дека расипнички се однесуваат со парите на граѓаните и прават проект кој ќе биде „од готово вересија“.
Го повикуваме докторот Венко Филипче да му се спротивстави на комерцијалистот Зоран Заев и да не дозволи изградба на субстандарден клинички центар, на кој секако нема да му биде поставен камен темелник до крајот на мандатот на оваа Влада, истакна Игор Николов – член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.