Македонија

(ВИДЕО) Мицкоски на прославата во струшко Ташмаруништа

Денес Македонија ги празнува двата светли Илиндена- првиот кој беше крик на поробениот народ, и вториот таа 44-та кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на одбележување на празникот 2-ри Август, Илинден во село Ташмаруниште, Струга.

-И секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не само Крушевското востание туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот, на секоја педа македонска почва. Илинден е и отпорот и пркоста на Тамшаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободно мислечки Македонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала, потенцираше Мицкоски и додаде:

„А ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода. И затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода. Во таа борба подеднакво се големи сите титани кои се нашите македонски апостоли на кои имаме и историско и културно право да се повикуваме“.

-Денес тука доаѓам од мијачкото село Лазарополе. Место преполно со луѓе, врева, џагор. Преубаво место, со живописна природа, своја историја, верувања, обачаи и потенцијал за развој. Но ова за жал е мртво село. Луѓето таму велат дека е вака е само 3-4 дена во годината. Како на тацна можеме да сведочиме за иселувањето кое се случило во 70-сетите години од минатиот век но и последиците кое ги носи тоа. Вистинското прашање е колку многу места во Македонија ја доживуваат судбината на Лазарополе во овој момент. Одговорот е премногу. Селата се веќе стара приказна, денеска почнуваат градовите да ни се иселуваат и празнат. Жална е сликата низ Македонија, прошетајте во Берово, Делчево, дури и една Битола, Кичево, но и Тетово и Гостивар, тоа е примерот. Младите се иселуваат, и тоа трајно ја напуштаат нашата земја зошто животот е мачен, тежок и лош, но има и такви кои со подобри финансиски примања се одлучуваат на таков чекор затоа што повеќе не веруваат во системот на државата, затоа што системот е трул. Системот е трул, корумпиран и тој не постои за граѓаните. Постои за власта за оние малкумина на Зоран Заев и неколкумина негови обожаватели, истакна Мицксоки и додаде:

„И кога ќе речат дека блескаме знаете дека тоа е така само на телевизијата и оној дел од медиумите кои под силна контрола ја одбегнуваат вистината. А која е вистината? Вистината е дека народот не живее подобро. И кога го слушам Зоран Заев како се фали со однапред напишаните податоци и весели математики и селективни споредби во кои што и тој самиот не верува се прашувам во кој свет живее овој човек? Сигурно огромно мнозинство граѓани и тој и малкумината обожаватели околу него дека не живееме во истиот свет. Земјоделците гладуваат и се мачат, сиромаштијата се зголемува. Докторите се незадоволни, студентите се бесни. Јас ја имам таа прилика како професор да работам со прекрасни млади луѓе, умни и стројни, луѓе кои си ја сакаат земјата, но барем полоцвина од нив по дипломирањето ја напуштаат трајно. И тоа боли, пече…“.

-И немајќи што, немајќи како да го пополни периодот на владеење, бидејќи нема ден да нема нов скандал, нова афера, нова информација за некој сомнително и криминално распределен тендер, па му текнало да објави борба против лажните вести, па згора на се, се повикува да се посочат луѓето кои шират лажни вести бидејќи како што од владата ќе кажат тие биле непријатели на демократијата. Па еве јас ќе помогнам, познавам еден ширач на лажни вести, тој е главен извор на сите лаги, шпекулации, дезинформации, името на сите ни е познато, Зоран Заев и за жал се уште е премиер на Владата на Република Македонија. Владата која тој ја води и тој самиот е главниот извор на лажни вести. Истиот тој не убедуваше дека Македонија мината година доби датум за преговори со ЕУ, истиот тој не убедуваше и дека секоја година економијата ќе расте со 5 проценти, а  не можеме да постигнеме ниту пола од тој да дојдеме, истиот тој  ни велеше дека ФБ и Google ќе дошле да инвестираат, и голема автомобилска компанија која еве трета година гледаме, освен срам и понижување, пљачкање, криминал, ниту Фејсбук дојде, ниту Гугл, ниту таа голема компанија од автомобилската индустрија. Па ова нели е лажна вест, ова нели е напад врз демократијата. Ова нели е уште едно газење на достоинството на народот и честа на нашите луѓе, рече лидерот на опозицијата и додаде:

„За криминалот да не збориме. Правдата е замолчена, а криминалниот октопод царува. Новинари се викаат на сослушување, а криминалците за кои тие пишуваат се уште се на државна плата, или на чело на скапите тендери платени со државни пари. И не е проблем ниту првото, ниту второ осомничениот во случајот Рекет. Сите знаат, сите знаат во оваа земја дека ниту прво ниту второ осомничениот немаше да има никаква сила доколку неговиот грб не беа функционерите од врхушката на СДСМ, фамозните Кики, Фрики, предводени од сценаристото Зоки Поки. Знам, добро знам дека имаше и луѓе кои поверуваа дека Заев и сега компромитираното СЈО ќе донесоа некаква правда, но драги браќа и сестри гледате дека ве разочараа. Сите нас не разочараа. Ова СЈО веќе не е алатка за носење на правда, туку алатка во рацете на Зоран Заев за правење на  неправда. Не може да се очекува правда, од нешто што не само што ја навредува нашата интелегенција туку служи и за потсмев. Па еден ден ќе слушнете како Катица го загубила телефонот, вториот ден дека тој бил кај снаата, а третиот ден таа форензички го исчистила.  Се ќе направат да ја спасат од обвинение, не затоа што Заев е многу хуман, а Катица невина, туку затоа што Јанева премногу знае, а Заев се плаши да не проговори за сето она што го правеа со СЈО-како местеа случаи, како креираа случаи за да уценуваат бизнисмени за рекет, прогонуваа и како заштититуваа криминал, тоа е алатката со која Зоран Заев дојде и сака да се одржи  на власт. Но, сега за сето ова знае и опозицијата, а дел по дел ќе знае и народот во Република Македонија. А, ако процени дека и Јанева станува штетна за премиерот бидете сигурни дека Рускоска обвинителството ќе стапи на сцена и некое утро ќе бидеме сведоци како се откажал и од Јанева, исто како што ќе се откаже и од сите други криминални ликови само да го заштити својот криминал и криминалот на своето семејство. И бидете сигури дека тоа лажно ќе сака да го прикаже како некаква борба за правда, во период кога знаат дека правдата со Заев не е можна. Заев не е во состојба да поставува услови, ниту повеќе да диктира темпо. Нему му преостанува да ги планира деновите по неговото политичко заминување. Да преиспита каде се огрешил пред законот, каков криминал сторил и колку долга ќе биде казната која ќе треба да ја отслужи за да може колку толку да им се извини на граѓаните“.

-Знам дека денес од Мечкин Камен Заев ќе говори за блескањето кое всушност е силно помрачување, ќе говори и за обединување или како што тој го вика помирување, и дека сме оделе напред и светот не препознавал, дека наводно сме создале пријатели, но тоа е така само во неговиот свет, во светот во кој ние секој ден живееме и опстојуваме тоа го нема, владее апатија, безизлезност и силно разочарување. А Европската Унија која е нашиот единствен пат со овие луѓе стана далеча цел. Лесно е да се откажеш и да го рушиш она што се градело со векови, тешкото е да го сочуваш. Македонија секогаш во историјата имала свои колективни неуспеси и катастрофи. Денес сето тоа е собрано и олицетворено во Зоран Заев. Оваа влада не треба да падне само поради сето ова што до сега го набројав. Туку Заев нека биде сигурен дека не ја забораваме и промената на името, која силно го боли секој Македонец овде и во светот, промената на идентитетот, поигрувањето со историјата, колективното реструктуирање на идентитетот во облик во кој што треба да прифатиме, е тоа кај мене и во огромно мнозинтво Македонци не проаѓа, вели Мицкоски и додава:

„Гоце Делчев е нашата светост, и ќе преговараме се додека не докажеме која е вистинската вистина, дека Гоце е Македонецот кој се борел за независна, суверена и самостојна држава. А ние сме Македонци од Македонија, тоа сме биле и ќе продолжиме да бидеме. Ќе падне оваа влада и затоа што не забораваме на прогнот. И во овие мигови кога прославуваме ваков светол ден, не можам а да не ги споменам нашите браќа и сестри кои неправедно седат по затворите и се под политички прогон. Не можам да не го споменам  Димитар, Јане Ченто, Дејан, Горан Ангелов, Миле, Митко Чавков, Митко Пешов  и сите останати кои ја делат таа несреќа да ја носат на свои плеќи омрзата и лудилото на оваа власт. Колку сакаат власта да покаже дека е силна, знаат дека се слаби. Слабост е да се прогонуваат невини луѓе. Илинденците се бореа за Македонија. Мојата борба и нашата заедничка задача се вика едноставно Македонија“.

Од Ташмаруниште Мицкоски порача дека е подготвен да се бори за ова во последен здив.

-Мојата задача е да се избориме за правда и владеење на правото. Вистинска правда, а не онаа Заева неправда која ни ја продава за лажна правда. И тука немам намера да правам компромиси со било што. Без оглед дали се работи за СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или било кој друг политичар кој се огрешил, посрамотил и направил злодело пред сопствените граѓани и пред законите и Уставот на Република Македонија пред народот и законите. Мораме заеднички, а затоа молам за ваша помош, масовно да излеземе на следните предвремени парламентарни избори и да го поразиме Зоран Заев и врхушката на власт.  Мораме заедно да ја промениме свеста и сликата за политичарите, зошто ќе ја загубиме Македонија.  Да ја вратиме заедно верба во системот кој постои за да служи на граѓаните, а не граѓаните да му служат на системот. Мора да види овој народ дека политичарите не се заштитена каста, која е над државата, туку дека сите ние, сите ние  сме слуги на народот и нашата татковина. Мора да бидеме општество со еднакви можности за сите, со развиена економија и нови работни места. На безаконието да се одговори со закон, на анархијата со поредок, истакна тој.

Мицкоски испрати порака да си ги вратиме младите кои си заминаа и да обезбедиме иднина на оние кои планираат да заминат.

-За да сето ова биде возможно потребни се итни, брзи парламентарни избори, избори на кои народот ќе се избори за промени, за нов почеток кој ќе значи вистинска обнова на Македонија. Кој ќе значи ред и правда, просперитет и развој, подобра иднина. И денес кога Зоран Заев ќе држи говор од Мечкин Камен добро нека го погледне споменикот на востаникот со силно раширени раце, тој востаник е со високо подигната карпа над главата и  го претставува последниот херојски миг во борбата на востаниците од одредот на легендарниот војвода Питу Гули кои се бореа за слободата која што ние денес ја живееме. Питу Гули велеше: „Ако нема слобода има смрт, затоа што без слобода има само смрт“.  Почвата која ја гази е натопена со херојска крв и жртва на сите оние кои гинеа за Македонија. Заев нека го посети и Македониумот, таму се моштите на претседателот на Крушевската Република Карев, војводата Никола Карев. Тој велеше „Ние револуционерите, под клетва дигнавме пушка и на нашето црвено од крв знаме запишавме СМРТ или СЛОБОДА.“  Неуспехот во водењето на Македонија подразбира неуспех и валкање на делото на овие великани како и непочитување кон многу други кои ги дадоа своите животи за Република Македонија. Тие беа и остануваат Македонци. А нивната жртва нема да биде залудна, ако нашите дела бидат вистински, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски порача дека мораме да ја вратиме силата и честа на Македонија.

-Затоа Илинден  е жив и денес, Илинден има кауза срочена во името Македонија. Доаѓаат промени, и нов почеток, започнува обнова на Македонија. Доаѓа време кога мора да се победи мракот и да изгрее сонцето, а сонцето секогаш е Македонија. Нека е вечен Илинден и нека е вечна Македонија. Да живее самостојна суверена, независна и просперитетна Република Македонија, заврши Мицкоски.

На почеток