Македонија

Желби за помирување и почит – што порачаа политичарите за Илинден?

Со поклон и цвеќе државата денеска им оддаде почит на двата Илиндена и илинденците. Споменикот на АСНОМ, на паднатите борци од НОБ, на Методија Андонов Ченто, Никола Карев, но и и вечните почивалишта на претседателите КироГлигоров, Борис Трајковски и генерал Михајло Апостолски беа местата каде државниот и политички врв, борците од НОБ се сетија на нивното наследство. Во тоа не ги спречи ниту силното августовски сонце од кое, оние кои ја прежиевеале Втората светска војна, се криеја со бели листови хартија.

Затскриен во малку сенка која ја имаше на платото во Вила Водно претседателот на држават Стево Пендаровски кој го предводеше одбележувањето на 2 Август во Скопје кажа дека зборовите кои најдобро ја објаснуваат целта на оние кои ги дале животите за она што го имаме денес се оние испишани на епитафот во Алеата на великаните. „Умреа на нозе за да не клечат живи, а живи се, бидејќи мртов е зборот робје“.

„Во време кога сме преокупирани со дневно-политички прашања, ова се освестувачки зборови што сведочат за димензиите на огромната жртва која ја овозможи денешната независност и слобода“, рече Пендаровски.

Пендаровски се обрати со сценографија на која беа истакнати оригиналните знамиња на сите македонски ударни бригади од НОБ, додека до нив стоеше почесната гарда во комитската униформа.

Пендаровски порача дека сите мора да се согласат со неспорната историска вистина дека во основите на нашата држава е антифашизмот и тоа ниту еден историски ревизионизам не смее да го доведе во прашање.

Тој упати и порака за предизвикот со кој денес се соочува македонското општество – граѓанско помирување преку вистинска правда со владеење на правото, со што не смее да се прави компромис.

„Сето ова да го правиме свесни за една работа. А тоа е дека еден ден и ние ќе се соочиме со наредната генерација. Ако се помириме и заеднички вложиме во нашата европска иднина, тогаш ќе имаме образ да излеземе пред нашите деца и внуци и да кажеме – ние го продолживме делото на нашите предци и го изодевме нашиот дел од патот. Сега е редот на вас“, рече Пендаровски.

Чествувањето на АСНОМ се одржа и во Пелинце, во близина на манастирот Прохор Пчински каде во 1944 се одржа  заседание на АСНОМ кога се ставени темелите на македонската држава. Церемонијата на Пелинце ја предводеше претседателот на Собранието, Талaт Џафери кој дел од обраќањето посвети и на евро-атланстките процеси на земјава.

На почеток