Парите кои ги дале двете градежни компании ги дале на Боки 13 за проектите за изградба на европски центри за возрасни лица. Тие исплата направиле на приватни сметки од физички лица, но според неофицијални податоци, најголем дел од нив се потрошени. Неофицијално, институциите не можат да им влезат во трага на подигантите пари од банка.
„Таа трага на парите се губи откако се подигнати од банка во кеш. Но еден дел знаеме каде е, друг дел се бараат, друг дел не можеме да го најдеме, а дел најверојатно е и потрошен бидејќи имаше повеќе време тие пари да се „легализираат“.- велат извори за ТВ24.
Податоците од Централниот регистар покажуваат дека во финансиските извештаи на Сојузот ги нема 720-те илјади евра исплатени на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска од битолската компанија „Пелистер“ на Силјан Мицевски. А нема трага ниту од 233-те илјади евра кои легнале на сметката на потпретседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ Ерцеговиќ, од струшката компанија „Дрим Билдинг“. Пари за кои токму Мандиќ преку соопштение тврдеше дека се потрошени за потребите на Сојузот и за двата договора со компаниите.
Сојузот на Боки 13-ка лани ја завршил годината со 11 евра на сметка. Прикажал приходи од околу 3.000 евра кои ги добил од членарини, подароци, донации и потрошил речиси толку за материјални расходи, помош и дотации. Претходната пак 2017 година немал обврска да достави завршна сметка оти имотот и приходите на Сојузот не биле повисоки од 2.500 евра.
Струшката фирма „Дрим Билдинг“ со тужба ќе си ги бара парите назад од Меѓународниот сојуз на Боки 13, објави „Канал 5“.
Сопственикот на фирмата Ардиан Амзоски за телевизијата вели дека и покрај тоа што очекувале дека преку проектот за старечки домови ќе помогнат во решавање на важни социјални прашања, се изненадил од тоа како завршила целата приказна. Договор со Меѓународниот сојуз склучиле пред една година на чија што потпретседателка Јасна Ерцеговиќ Мандиќ и исплатиле 233 илјади евра, но откако и по рокот од 6 месеци не им биле вратени парите се одлучиле за тужба.