Симболот на првото знаме на независна Македонија, Сонцето од Кутлеш, од денес не смее да стои на ниту еден споменик, ниту пак институција или јавно место – вака стои во договореното во Нивици на кое се согласи македонската Влада лани во јуни.
За периодот од шест месеци од стапување во cила на Договорот, кој истекува утре, власта се обврза симболот од Вергина да биде тргнат, а на спомениците што упатуваат на тој период да бидат истакнати ознаки дека се дел од античката хеленска историја и цивилизација.
Втората страна нема повторно да го употребува на кој било начин и во каква било форма симболот порано истакнат на нејзиното поранешно државно знаме. Во рок од шест месеци по влегувањето во сила на оваа спогодба, Втората страна ќе пристапи кон отcтранување на симболот истакнат на нејзиното поранешно државно знаме од сите јавни места и од јавна употреба на нејзина територија. Археолошките артефакти не спаѓаат во опфатот на оваа одредба., стои во чл.8 од Договорот.
Владата на седница на 4-ти јули побарала надлежните институции да достават информација за спомениците, јавните и другите инфраструктурни објекти чии имиња се дел од античката хеленска култура и цивилизација, во чија надлежност се тие во однос на поставувањето и одржувањето и кој е носител на авторските права, доколку станува збор за уметнички дела. Се ќе било завршено во зацртаниот временски рок.