Македонија

По Катица Јанева и „Рекет“ – ќе се основа ли новото СЈО?

Следната недела ќе има нова средба меѓу работните групи на власта и на опозицијата за да се испеглаат разликите околу законот за обвинителство. По паузата поради летните одмори, претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ повторно ќе седнат на маса, но сега во уште потешка политичка атмосфера отколку пред дваесетина дена. Аферата „Рекет“ и улогата на специјалната обвинителка, Катица Јанева во целиот случај дополнително го искомплицира процесот, па станува јасно оти дури и нејзиното повлекување од новиот закон и од функцијата во Републичкото јавно обвинителство по оставката во СЈО, ќе биде недоволен маневар да се постигне договор, анализира „Независен весник“

Во владејачката партија велат дека изминатиов период немало никакво помрднување на ставовите, но подготвени се да преговараат за сите забелешки на опозицијата за предложениот текст на законот, па и за иднината на Јанева.

Ќе се видиме со колегите од ВМРО-ДПМНЕ, па ќе разговараме дали и каде може да се најдеме. Новиот закон за обвинителство, кој што ја одредува и иднината на СЈО, можеби не е клучен за добивањето датум за преговори со Европската унија што се надеваме ќе се случи во октомври, но е исклучително битен за борбата против високата корупција и организираниот криминал. Такви пораки добиваме секојдневно од нашите партнери во меѓународната заедница, веруваме оти тоа го знаат и во ВМРО-ДПМНЕ и ќе успееме да го протуркаме законот, велат од СДСМ.

Но, во најголемата опозициска партија велат оти последните настани и снимките што излегоа со гласот на Катица Јанева во разговорите со Орце Камчев потврдиле оти законот каков што го предлага владата не смее да помине.

Замислете, во едно од од решенијата на законот на СДСМ се предлага Јанева да биде префрлена во државното јавно обвинителство. Да бевме правна држава барем малку, таа одамна ќе беше во притвор. И не само таа, туку и други нејзини колеги и колешки од СЈО. Токму затоа рековме никој од обвинителите и другите вработени во СЈО не може по закон автоматски да биде префрлен во новиот оддел во Обвинителството за гонење висока корупција и организиран криминал. Таму секој со секого е роднина, вработени се луѓе на СДСМ. Нека се пријават на конкурс, па да видиме дали ќе ги изберат, децидни се во ВМРО-ДПМНЕ.

Целиот текст на Независен весник.

На почеток