Македонија

Честитка од претседателот на ГДУ, Петар Колев, по повод празникот Успение на Пресвета Богородица

Денеска по повод големиот христијански празник Успение на Пресвета Богородица или Голема Богородица, заедно со моите колеги Борче Пачемски, претседател на ГДУ-Штип и Ненад Пецов, ја посетивме прекрасната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во легендарното Ново Село. Овој храм има посебно значење за мене.

Црквата се гради 14 години во периодот од 1836 до 1850 од еден од најголемите мајстори градители, Андреа Дамјанов од познатата дебарска фамилија Рензовци. Иконостасот и стенописите се изработени на прекрасен начин од големите мајстори Никола Дамјанов, Станислав Доспевски, Станилов, Вангелов, Крсте Зограф, Димитар Папрадишки, Христо од Самоков, Захариј Зограф од Велешката и Самоковската зографски школи.

Гледајќи го ова ремек дело на христијанската култура се трудам да разберам, каде остана оваа наша потреба од создавање? Во оние темни времиња сме имале толку големи мајстори, кои граделе цркви речиси на територијата на целиот православен Балкан. Се наоѓале и средства за да се гради и изграденото да се сочува за идните генерации.

Денеска на денот на Светата Мајка Богородица, ве повикувам да се бориме за тие вистински вредности на старите мајстори. Тие ја изградија нашата земја, од камен, кал и дрво. Ја направија убава, ја облагородија. Да ја изградиме Македонија без стиропор, да ја изградиме вистински.

Нека ни е за многу години празникот Голема Богородица, ви посакувам здравје среќа и успеси. Сила ќе ни даде Пресветата Мајка Господова, се вели во честитката од ГДУ.

На почеток