„Една ноќ на комитите им кажав дека имам претчувство оти сме во Бугарија: Не, рекоа, не сте во Бугарија, во Македонија сте!“, изјавила мис Елен Стоун пред истражните органи на Османлиската Империја. Според документите што ги објави Државниот архив на Македонија, може да се заклучи дека оваа шестмесечна афера била всушност првата „заложничка криза“ со која се соочиле САД. Станува збор за настан што го свртел вниманието на јавноста во глобални рамки, а мемоарите на мис Стон, кои потоа во продолженија излегувале во американските и англиските весници, придонеле со аферата детално да се запознае јавноста во САД и Европа, иако вистинските извршители на акцијата останале непознати за османлиските власти, novamakedonija.com.mk.
Имено, Јане Сандански, кој бил главен организатор и реализатор на акцијата, во турските документи се спомнува само двапати, како можен учесник во киднапирањето, и тоа само во телеграми од март 1902 година, кога аферата веќе била завршена. Претходно, според документите, османлиската војска спроведувала сеопфатна потрага по киднаперите, барајќи ја мис Стон таму каде што ја немало, што секако ја истакнува силната конспирација на организацијата, искуството и вештината во водењето на акцијата, но и цврстата дисциплина во организирањето на целиот потфат, како и посветеноста на населението без чија помош целата акција не би била можна.
„Специјално за нас набавија две чинии!“
Во првичната изјава дадена пред истражните органи веднаш по ослободувањето, односно на 23 февруари 1902 година, на прашањето на истражителот да објасни каде ги заробиле и под какви околности, каде ги носеле и колку грабнувачи го направиле грабнувањето, Елени Стоун, или мис Стон, меѓу другото изјавила: „Почитуван господине, минатиот август, во вторник, на дваесет и први, околу шест часот попладне тргнавме од селото Банско заедно со Катерина, Марија Танева, протестантска учителка од Струмица, учителката од Прилеп Донка Илева, учителката од Битола Атина Димова, калуѓерката од Банско Фимка, ќерка на Стево, сопругот на Катерина, Глигор Марков од Битола, деветнаесетгодишниот Јован Радулов од Банско, ученик во протестантското училиште, Апостол Дамјанов од селото Добриште, Резлошка каза, на возраст од дваесет и пет години, кираџијата Георги Мацуров од Банско и четири негови коњи, кираџијата Димитри Поп Стефанов со неговиот коњ и уште еден кираџија, значи вкупно тринаесетмина. По околу четири часа пат, приближно во десет и пол часот вечерта, во планински предел, меѓу некакви карпи и река, пред нас излезе поголема група вооружени лица држејќи пушки во рацете. Нѐ опколија, сите нѐ симнаа од коњите и заедно со коњите нѐ однесоа во внатрешноста на планината. Нѐ одведоа на место во планината оддалечено околу десет минути од патот и сите нѐ седнаа таму. Потоа до мене дојде еден комита и ми рече: ’Стани!’, а по мене, на околу петнаесет чекори повнатре во планината, ја доведе и Катерина од Банско. Околу десет минути седевме на место, потоа двете нѐ одведоа до работ на една нива, нѐ качија, нѐ врзаа за самарите на нашите коњи и нѐ носеа така врзани на коњите до утрото. Пред самото утро, во шумата, од гранки од дрвјата, направија колиба. Таму нѐ симнаа и до вечерта нѐ оставија да лежиме. По вечерата, значи ноќта околу дванаесет и пол часот, повторно ги доведоа нашите коњи, нѐ качија, нѐ врзаа и до утрото повторно нѐ носеа негде низ планината. Пред да осамне, нѐ симнаа во една за нас непозната шума. Така нѐ разнесуваа со денови. Еден ден нѐ однесоа на една планина со многу снег. Ноќта го расчистија снегот и направија пат. Во таа со снег покриена планина ни направија колиба, а покрај нашата направија и една колиба за нив. Колку дена останавме, не знам. Времето беше многу студено. Додека бевме таму велеа дека до селата и касабите на која било страна има по осум часа пат. По извесно време нѐ скорнаа оттаму и нѐ доведоа на планина каде што немаше снег. Два и пол месеци нѐ разнесуваа на коњите од кираџиите. Пред тоа, речиси седум седмици пред тоа, нѐ однесоа во една колиба каде што имаше две скршени каци. Во таа колиба се породи Катерина со своето првенче. На свет донесе женско дете, на кое му го дадовме името Еленка. Два дена подоцна, Катерина, која беше леунка, ја легнаа во некакво корито, како сандак, ја товарија на коњот и нѐ одведоа на друга планина. По три дена повторно нѐ разнесуваа од планина на планина, од колиба во колиба. Понекогаш ни даваа чаршиски леб, само ладен, а понекогаш селски. Додека престојувавме во визби, по куќи, ни даваа свежо топло јадење, а по планините приготвуваа самите јадење од млеко, печени кокошки и месо од овци и кози. Специјално за нас набавија две чинии и само нам ни дозволуваа да ги користиме. Во текот на тие десетина последни денови, постојано нѐ разнесуваа од колиба во колиба, од планина на планина. Потоа нѐ донесоа овде, нѐ оставија под една круша во околината на Градошорци. ’Седете овде’, рекоа. ’Пред вас има село’, рекоа. ’Светлата што се гледаат се од едно гратче’, рекоа. Седевме околу два-три часа. Осамна. Дојде еден човек и нѐ одведе во селото. Оттаму нѐ зедоа и нѐ доведоа ваму.“
„Од вас бараме дваесет и пет илјади лири!“
Во продолжение на истрагата ја прашуваат за тоа какви пушки имале луѓето што ги разнесувале по планините, на кој јазик зборувале и кои биле нивните имиња, а мис Стон меѓу другото одговара: „пушките им беа мешани, на себе имаа набрани панталони од бел шајак и парталави капи во боја на камила, а имаше и неколкумина со бели фесови“, додавајќи дека „едни со други меѓу себе не се обраќаа со вистинските имиња. На еден му се обраќаа со ’чауш’, на друг со ’карчо’, на трет со ’мечо’ а на четвртиот со ’боримечка’. Понекогаш зборуваа на турски, но не го знаеја сите убаво турскиот јазик. Еден ден ни рекоа напишете писмо на кого сакате во Банско, да испрати дваесет и пет илјади лири. Ако не испрати, двете ќе ве задолжиме со по еден куршум, рекоа. Пративме писмо во Банско, но писмото го фатиле и го доставиле до кајмакамот во Разлог. Потоа му пишав директно на Хаскел, протестантски доктор во Самоков. Го замолив да оди во нашата амбасада во Истанбул, да земе дваесет и пет илјади лири, и да нѐ спаси од грабнувачите. Бидејќи парите не стигнуваа, комитите се налутија и побараа четириесет илјади и петстотини лири…“
Текстот во целост на: novamakedonija.com.mk