Македонија

РСБСП: Без изговори, почитувањето на сообраќајната сигнализација не е право на избор

Сообраќајните знаци се азбуката на сообраќајот, а сообраќајните правила се основниот начин за комуниукација и разбирање меѓу учесниците во сообраќајот, велат од Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, каде се посочува дека според досега спроведените анкети околу 50% од возачите, не секогаш ги почитуваат сообраќајните знаци и поставената сообраќајна сигнализација.

Секое непочитување на сообраќајните знаци, односно непочитување на поставената сообраќајна сигнализација, значи сообраќаен метеж, хаос во сообраќајот, сообраќајна незгода со материјална штета или незгода со загинати и повредени лица, велат од РСБСП.

Учесниците во сообраќајот се должни да постапуваат во согласност со прописите и правилата што важат во сообраќајот, во согласност со сообраќајната сигнализација поставена на патот, во согласност со сообраќајните знаци и во согласност со наредбите што ги даваат полициските службеници, велат од РСБСП и потенцираат дека учесниците во сообраќајот се должни да се придржуваат кон ограничувањата, забраните и обврските изразени со сообраќајни знаци.

Па оттука од РСБСП преку соопштение ги повикаа сите учесници во сообраќајот да не бараат изговори, објаснувања или оправдувања бидејќи едноставно не постојат, секој учесник во сообраќајот има право безбедно да се движи и има обврска да придонесува за безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

„Без изговори! Без оправдувања! Максимално почитувај ја поставената сообраќајна сигнализација, секогаш и секаде! Биди одговорен учесник во сообраќајот“, е пораката која советот ја испраќа до сите учесници во сообраќајот.

Безбедноста во сообраќајот е сериозна работа и ниедна импровизација, изговор или оправдување не може да ги надомести последиците, додаваат од РСБСП.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток