Предложената даночна политика нема да оди во линија на подобрување на социјалната еднаквост, туку ќе оди во насока на целосно намалување на продуктивноста, вработливоста, и развојот на квалификации, смета МАСИТ. Со оваа даночна реформа се врши пенализација на деловите од населението кои напорно работат кон напредување и повисоки приходи, а се наградуваат оние кои не се трудат и со тоа директно се создава намалување на продуктивноста. Со предложените мерки се врши дестимулирање на развојот на висококвалификуваните кадри – зголемувањето на данокот на личен доход најмногу ќе ги погоди оние кои вложувале во сопствениот професионален развој и ќе испрати порака дека квалификуваноста е неисплатлива, со што ќе се отстрани стимулот за развој на способности и квалификации.
Наместо фискален ефект, ќе се добие ефектот на даночна непослушност и ќе биде главен двигател на сивата економија. МАСИТ смета дека ќе следи период на зголемување на даночното затајување – нискиот степен на задоволство кај обврзниците за начинот на кој прибраните средства се користат, ќе донесе до зголемувањето на даноците ќе доведе до изнаоѓање дополнителни и креативни начини за даночна евазија. Директно поврзано, по овој основ на дополнителните средства кои ќе се инјектираат во буџетот, јазот меѓу богатите и сиромашните нема да се нивелира, туку ќе се продлабочи.
МАСИТ смета дека првенствено и во насока на соодветна и ефективна даночна реализација, треба да се подобри начинот на собирањето на даноците, со цел целосно искоренување на сивата економија, или барем нејзино сведување на минимум. Со таа контрола на примањата по основ даноци, ќе се затвори прашањето за постоењето на сиромаштијата во голем степен. Конкретно, со истата мерка за собирање на данокот од сите даночни обврзници, од кои нема даночна реализација, ќе се постави нормален систем во државата и токму тогаш ќе се воведе рамноправен третман кон сите економски оператори.
МАСИТ постојано предупредува на појавата “одлив на мозоци” и “одлив на капитал и намалени инвестиции ”- брзото и ненајавено, однапред не анализирано даночно решение кое претставува сериозна измена во финансиската легислатива во државата и те како го комплицира работењето на компаниите во приватниот сектор поради неможноста да се планираат трошоците и ќе доведе до несигурност и кај домашните компании и кај странските инвеститори.
Воведувањето на прогресивен данок директно ги таргетира висококвалификуваните и професионални ИКТ кадри кои веќе се дефицитарни во Македонија. Тоа ќе доведе до одлив на квалификуваните кадри во земји со поповолна даночна клима и подобра социоекономска ситуација. Ова пак претставува директен удар за иновативните “смарт” индустрии кои генерираат најголеми приходи и додадена вредност и се двигатели на економијата – иновативните и брзорастечки компании, особено во ИКТ секторот.