Од евровизиска ѕвезда која и донесе историски успех на нашата земја на престижниот музички натпревар, до, за многу кратко време личност буквално распната на крст од поголемиот дел од јавноста, по интонирањето на националната химна во американската амбасада по повод прославата за 4-ти јули, при кое како што тврди, ненамерно го изоставила стихот со Делчев, Питу и Сандански, Објави Фокус.мк.
Жената со моќен вокал, која растеше на сцената под лупа на јавноста, откако за прв пат се појави на естрадата како шест- годишно девојче заедно со Маријана и Росана на фестивалот ,,Макфест”, ќе пее во Скопје, на Камениот мост во склоп на манифестацијата ,,Звуците на чаршијата”.
За ,,Фокус” раскажува за бурниот период низ кој што минувала периодов, за љубовта и поддршката од семејството, за искуството од Евровизија, но и за тоа што се случило со донацијата од менаџментот на 1ТВ која ја доби веднаш по враќањето од Израел.
Фокус: Кога по враќањето од Евровизија гостуваше во 1ТВ, од менаџментот на чело со Бојан Јовановски доби донација од 10.000 евра, како помош во твоето градење на интернационална кариера. Боки е твој долгогодишен пријател, очекуваше ли нешто такво од него и што се случи со донацијата, ги подигна ли средствата, ги искористи ли, или пак ќе ги донираш во некоја хумана цел?
Тамара: Не би сакала да коментирам ништо околу случувањата со Бојан Јовановски. Сепак, се познавам со него подолго време и кон мене бил секогаш коректен. Донацијата никогаш не беше реализирана.