Скоро половна од граѓаните сметаат дека случајот „Рекет“ нема да биде целосно разрешен, покажува анкетата која за потребите на Детектор ја спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според неа, 48,7% од анкетираните граѓани сметаат дека „Рекет“ нема да доживее целосна разрешница. 27,9% се уверени дека случајот ќе биде решен, додека 23,4% од анкетираните рекле дека не знаат.
47,1% од анкетираните сметаат дека доколку одредени домашни и странски медиуми не објавеа информации поврзани со аферата, за случајот „Рекет“ воопшто немаше да се покрене истрага. Спротивно мислење имаат 24,4% од граѓаните, додека 28,5% останале без одговор.
Анкетата на Детектор покажува дека скоро половина од анкетираните случајот „рекет“ не го сметаат за причина за организација на предвремени парламентарни избори. 44,7% од граѓаните сметаат дека не треба да се организираат избори поради „Рекет“, додека 36,3% се на ставот дека е потребно ново гласање за избор на пратеници. 18,9% од анкетираните се уште немаат став.
38% од анкетираните сметаат дека одредени поединци во СЈО се корумпирани. Скоро идентична бројка, или 37,9% од граѓаните се согласуваат со тврдењето дека СЈО е целосно корумпирано додека 9,5% сметаат дека СЈО работи професионално.
Истражувањето покажува дека мнозинството граѓани сметаат дека меѓународната заедница треба да се вклучи во изборот на судии и обвинители. 46% од граѓаните сметаат дека помошта на меѓународниот фактор е добредојдена, додека 33,3% се на ставот дека меѓународниот фактор треба да остане надвор од процесот на избор на кадри во правосудниот систем. 20,3% од анкетираните рекле дека не знаат.
Уште повисока е поддршката за идејата во одредени судски процеси од висок профил да се вклучат обвинители и судии од странство. Со неа се согласуваат 53,8%, додека 29,8% се против, а 16,3% немаат одговор на ова прашање.
Скоро две третини од анкетираните не се задоволни ниту со начинот на кој институциите се справуваат со случаите кои произлегоа од бомбите. 62,8% велат дека институциите не се справуваат добро со овие случаи, додека 16,8% се убедени во спротивното, а 20,5% немаат одговор.
Високи 75% од граѓаните сметаат дека потребна е постапка на „ветинг“ во судството. Против проверката на имотната состојба на кадрите од правосудниот систем се 10,7% од анкетираните додека 14,2% немаат став.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје по нарачка на Детектор е спроведена телефонски, во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1109 испитаници со маргина на грешка на примерокот од плус – минус 3%.
