Македонија

Заев од Брисел до европските лидери: Бидете наши херои! Не станувајте нашата пречка!

Втор пат оваа година, нашата земја и нашиот народ се во големо исчекување и очекување. На крајот на јуни и почетокот на јули од Брисел стигна пораката дека Северна Македонија ги исполнила очекуваните резултати, но дека само заради календарски усогласувања на земјите членки на ЕУ, добрата вест за одлука за преговорите за членство во Унијата ќе ни пристигне во октомври, истакна во дел од своето обраќање на заедничката прес-конференција претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев со комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Јоханес Хан во Брисел.

Во продолжение Заев додаде: Еве го октомври. Дојдовме во Брисел и ја очекуваме заслужената вест за одлука за да почнеме преговори за нашата стратешка цел, членството на Северна Македонија во Европската Унија.  Пристапивме искрено и чесно, разбираме и прифаќаме дека одделни членки на Европската Унија имаат потреба да ја отворат и заокружат дебатата за новата методологија за преговори. И ние сме за тоа.  Сепак, сигурни сме дека и двата процеси можат и мора да одат паралелно. Методологијата може да се развие и спроведе, и тоа никако не пречи Северна Македонија да добие позитивна одлука сега и веднаш, за да ги започнеме преговорите за пристапување со ЕУ. Ни треба позитивна одлука сега и веднаш.  Одлука за пристапните преговори за нас значи нов процес на задачи, рокови и упорна работа на граѓаните, институциите и целото општество – тоа е процес на отворање поглавја кој ќе ни овозможи да ги постигнеме стандардите на ЕУ и да го подобриме животот во Северна Македонија во сите области.  После десет позитивни препораки на Европската комисија, оптимистичките заклучоци на Советот (во 2018 и 2019 година) и сите наши потврдени резултати и реформски зафати на европскиот пат – после сé што направивме,  Владата, Парламентот, сите институции, јас како премиер, опозицијата а особено мојот народ – сигурни сме и убедени, како никогаш досега, дека треба да започнеме со преговорите – тоа е така бидејќи сме подготвени и политички и институционално. И граѓаните ни се повеќе од подготвени. Сработивме многу и спремни сме за уште повеќе работа и за соочување со сите предизвици што ги носи процесот.Секое одложување ќе биде прочитано како негативна одлука и ќе има многу негативни ефекти. Ќе има високо ниво на разочарување кај граѓаните и меѓу членовите на Парламентот кои го поддржаа спроведувањето на Договорот од Преспа. Да не заборавиме дека спроведувањето на Преспанскиот договор е поврзано со отворањето на поглавјата за Европската унија, истакна Заев.

Премиерот на крајот се заблагодари на комесарот Хан за  како што кажа неговиот огромен личен ангажман за добивањето на одлуката за преговори и за целиот негов напор во изминатите години, месеци и денови.

Комесаре Хан, драг Јоханес, ве уверувам дека Република Северна Македонија високо го цени ова и ви ветувам дека никогаш нема да го заборави. Вие сте голем пријател на нашата земја, истакна Заев.

фото и видео: Влада

На почеток