Македонија

Пропадна продажбата на 1 ТВ – Богдан Дамјановски се повлече од купувањето на телевизијата

Пензионерот Богдан Дамјаноски кој склучи договор за купување на 1 ТВ ќе го раскине договорот, соопшти тој предмалку за ИРЛ. Дамјаноски рече дека инвеститорот во чие име настапува се премислил, бидејќи првичниот договор бил на помала сума, но откако УЈП ја блокирала сметката за неплатени даноци сумата се зголемила на околу 400.000 евра. Инвеститорот, чие име не сакаше да го открие, бил негов пријател кој живеел во Холандија и сакал да почне бизнис во Македонија. Првата опција била да ја купи телевизијата на Боки 13.

„Трошоците енормно се зголемија и мојот клиент кој јас го застапувам реши да се откаже од купување на телевизијата“, изјави Дамјаноски за ИРЛ. 

Договорот за купување на уделите во БМЈ Медиа груп, фирмата која е сопственик на 1ТВ, Дамјаноски го склучил минатата недела со сопствениците Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, и Јасна Мандиќ пред тие да бидат приведени. Тоа бил интерен договор кој се уште не бил спроведен во институциите. Дамјаноски тогаш се појавил во телевизијата и имал разговори со дел од вработените и склучил договори за работа со ветување дека ќе им бидат исплатени и заостанатите плати.

„Јас сум пензионер, поранешен градежен инжињер, но сега работам како консултант. Така дојде и до оваа соработка со 1 ТВ, за која имаше заинтересиран инвеститор. Јас од целата зделка ќе заработев некој денар“ – рече Дамјаноски за ИРЛ.

Текстот во целост на: ИРЛ.мк

На почеток