Скопје

Дино Мерлин за дочекот на Новата 2020 во Скопје

Балканската музичка ѕвезда Дино Мерлин ќе ги забавува жителите на Скопје, но и сите гости од земјата и од регионот кои ќе одлучат Новата 2020 година да ја дочекаат на плоштадот „Македонија“. Настапот на Дино Мерлин и дел од новогодишните содржини што ќе ја збогатат претстојната празнична сезона во градот денеска ги најави градоначалникот Шилегов.

  • Град Скопје заедно со новиот пријател на Скопје, Дино Мерлин, на сите посетители на новогодишната вечер ќе понуди уникатно шоу коешто се подготвува специјално за тој новогодишен концерт и кој долго ќе го паметат присутните. За мене е императив граѓаните коишто ќе дојдат на плоштадот да си поминат убаво, со стандарди на едно шоу што ретко може да се види во нашиот град – рече Шилегов.

Градот Скопје годинава порано го најавува настапот на Дино Мерлин на новогодишната вечер со цел сите обожаватели на неговата музика да можат навреме да испланираат Новата 2020 година да ја дочекаат во пријатна атмосфера и со добра забава во срцето на Скопје.

  • Ми претставува особена чест да настапам на вакво посебно место, какво што е главниот плоштад во Скопје. Концертот и шоуто што ги подготвуваме ќе бидат нашиот прв настап по цела година откако го завршивме патот околу светот наречен „Хотел Национал“, а кој траеше речиси пет години. Ми недостигаше мојата публика и многу се радувам на новиот предизвик – Новата година на плоштадот ќе биде првиот чекор во новиот пат околу светот и нов проект. Сакам да нагласам дека разликите и тешкотиите не постојат кога срцата ни се отворени, а целите исти. Целта е за Нова година во Скопје да реализираме шоу какво што заслужува овој посебен град и земја и да го дадеме најдоброто од себе на сите драги луѓе кои заедно со нас ќе влезат во Новата 2020 година – рече денеска Мерлин.

Во пресрет на Новата година, во текот на декември и оваа година ќе биде поставена новогодишната населба наречена „Винтерленд“. Градот Скопје работи на збогатување на програмата и надградување на концептот на „Винтерленд“, односно „Винтерленд“ оваа година ќе понуди повеќе содржини и поголема забава за граѓаните кои во студениот декември ќе сакаат да ја почувствуваат новогодишната магија на градскиот плоштад.

фото и видео: Град Скопје

На почеток