Македонија

Од следната година и за вработените во јавниот сектор К-15

Гранскиот колективен договор за вработените во администрацијата, правосудните органи и другите вработени во администрацијата се очекува наскоро да биде потпишан.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Пецо Грујовски денеска изјави дека неколкуте спорни прашања се надминати и дека следната недела работната група ќе има нова средба на која ќе треба да се допрецизираат овие работи.

–  Минатата недела неколуте спорни прашања што ги имавме со министерот Дамјан Манчевски ги надминавме и идната недела работната група ќе се состане да ги расчисти тие делови. Верувам дека за две недели ќе го потпишеме гранскиот колективен договор. Со него ќе бидат опфатени сите вработени во јавната администрација вклучувајќи ги и правосудните органи, рече Грујовски.

Според него, висината на К-15 се уште не е утврдена и таа ќе се договори на наредниот состанок со ресорниот министер за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски. Токму поради неусогласената сума договорот не е потпишан пред годишните одмори.

Во гранскиот колективен договор, како што посочи, ќе биде вклучена и исплатата на К-15 и јубилејните награди. На следната средба на работната група се очекува да се прецизира износот кој ќе се исплаќа на к-15.

 

На почеток