Скопје

Град Скопје ја потикнува меѓуетничката интеграција во образованието

На следната седница на Советот на Град Скопје, советниците ќе ја разгледуваат Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието. Град Скопје развива систем на организација на заеднички активности со МИО, а дел од реформите коишто се спроведуваат во образованието не опфаќаат само подобрување на академските знаења, туку и учење коешто помага учениците да се подготват да живеат во мултикултурно општество.

Раководителката на Секторот за образование на Град Скопје, Даниела Адамова, посочи дека токму активностите кои се во насока на промоција на меѓуетничка интеграција во образованието обезбедуваат можности за непосредна интеракција на учениците со различен културен идентитет. И токму овој вид на активности овозможуваат младите да учат едни за други и едни од други, а не да живеат едни покрај други.

Стратегијата има за цел создавање „едно“ училиште за сите ученици, независно од нивната етничка припадност, како и поттикнување и развивање на граѓанската партиципативност на учениците од средните училишта на Град Скопје.

Град Скопје ќе поддржува заеднички наставни активности (заеднички часови) со ученици од различни наставни јазици според планиран обем и разновидност што ќе произлезе од донесените годишни програми на средните училишта, а ќе се однесуваат на МИО во делот на одржување на заедничка настава.

Средношколците преку организираните  меѓуучилишни средби на повеќејазичните и еднојазичните училишта ќе споделуваат искуства и ќе  стекнуваат нови познанства. Кога учениците учествуваат во заеднички активности, тие имаат можност за непосредна комуникација и меѓусебен контакт, меѓусебно запознавање и формирање интерперсонални релации, учење едни за други, едни од други и за намалување на негативните стереотипи и предрасуди за другите.

– Посебен акцент се дава на организирањето на заеднички часови, заеднички секции, екскурзии и приредби. Град Скопје ќе поддржи консултативни и организациски средби со ментори/експерти за планирање на наставата, активности за МИО и слично.

Исто така ќе поддржиме  активности за обезбедување посебна поддршка на учениците коишто изучуваат различен јазик од мајчиниот преку организирани посети на курсеви за јазик, користење интерактивни техники – компјутерски курсеви, ликовни изложби, разни заеднички настани и меѓусебно дружење во текот на наставата и надвор од редовната настава – рече Адамова.

Преку запознавањето со различностите учениците всушност ќе се зближат и ќе  живеат заедно. Сево ова ќе резултира со унапредување на меѓусебните односи и развивање на соработка и заедништво. Овие активности придонесуваат и за интензивирање на неформалната комуникација меѓу учениците надвор од училиштето, што би била повисока цел на Стратегијата за меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанската вклученост.

Секако треба да нагласиме дека во Програмата за активности на Град Скопје од областа на средното образование, меѓуетничката интеграција е една од приоритетните цели. Град Скопје во соработка со училиштата е посветен на креирање своја политика за промовирање на меѓуетничка интеграција во образованието и граѓанска вклученост на младите, планира активности според карактеристиките на самите училишта. Во рамките на активностите за меѓуетничка интеграција во образованието ќе се промовира интеракцијата и социјализацијата меѓу учениците од различните заедници/наставни јазици и во еднојазичните и во повеќејазичните училишта.

Во активностите за граѓанска вклученост на младите, тие ќе бидат насочувани и поддржувани да идентификуваат конкретни проблеми во училиштето и заедницата. Потоа, врз основа на нивните заеднички одлуки, младите ќе преземаат иницијативи за акции со цел да се придонесе кон решавање на постојните проблеми и недостатоци на ниво на училиште и заедница.

На почеток