Македонија

Детектор анкета: Половина од граѓаните се за една изборна единица

Речиси половина од граѓаните сметаат дека постојниот изборен модел треба да се замени и наместо шест во Македонија да има една изборна единица, покажува последното истражување на јавното мислење кое по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.
Според него, 48,4% од анкетираните граѓани сметаат дека постојниот изборен модел со шест изборни единици треба да се замени со модел во кој ќе има само една изборна единица. 19,6% од анкетираните сметаат дека изборниот модел треба да остане во формата во која што е денеска, додека 32% од анкетираните немаат одговор.
На половина од граѓаните сметаат дека дијаспората треба да има право на глас на изборите.Според анкетата ваков став имаат 52% од граѓаните. 33,4% сметаат дека дијаспората не треба да има право на глас додека 14,6% немаат одговор. Над две третини од граѓаните или 68,4% се согласуваат пред секои избори да се регистрираат доколку планираат да гласаат со цел да се обезбеди прочистен избирачки список. 14,6% се против додека 17% немаат одговор.

Речиси половина од граѓаните или 48% велат дека гласаат за личноста која партијата ја предлага додека 36,4% се изјасниле дека изборот за кого да гласаат го прават врз основа на партиската припадност.

Над половина од граѓаните или 53,4% сметаат дека бројот на пратеници во македонското Собрание треба да се намали. 25,2% велат дека треба да остане ист, додека 7,7% сметаат дека
треба да има поголем број на претставници во македонскиот законодавен дом. 13,7% од анкетираните немале одговор на ова прашање.
Дури 63,5% од граѓаните велат дека не се задоволни од работата на пратеници, додека 26,4% велат дека се задоволни. Само 4,2% на прашањето дали сте задоволни од работата на
пратениците одговориле „Да“. 22,2% велат „Донекаде да“ додека 25,4% се изјасниле „Донекаде не“. Најголем процент или 38,1% велат дека не се задоволни од работата на пратениците од 10% немаат одговор. 77,3% од анкетираните сметаат дека пратениците имаат премногу привилегии наспроти 4,7% кои се уверени во спротивното.
Дури 65,7% од граѓаните велат дека не стапиле во контакт со ниту еден пратеник и дека не знаат како да го сторат тоа. 23,8% од анкетираните велат дека комуницирале со пратениците, додека 10,5% немаат одговор. Високи 66% сметаат дека пратениците се само уште еден глас за партијата наспроти 19,6% кои велат дека тие се претставници на народот.
Во случај пратеникот да не се согласува со ставовите на својата партија, 60,6% од граѓаните очекуваат тој да си поднесе оставка. 12,4% од анкетираните сметаат дека во ваков случај
пратеникот треба да ја смени партијата а 10% дека треба да остане во истата партија која го предложила на изборите.  Анкетата на Детектор покажува дека собраниските седници и нивниот ТВ пренос не привлекува голем број на гледачи. Според неа, 33,2% од граѓаните воопшто не ги следат седниците на Собранието а 27,3% ги следат многу ретко. 25,2% гледаат пренос од седниците на Собранието понекогаш, а само 12,5% често ја следат собраниската дебата.

Интересни бројки покажува групата анкетирани под 29 години од кои 57,5% никогаш не следат седници на Собранието наспроти само 3,5% кои често ги гледаат преносите.
Дури 60,9% од анкетираните сметаат дека споредено со другите парламенти во Европа македонскиот функционира полошо. 18,8% сметаат дека функционалноста е иста додека 2,1%
сметаат дека македонскиот парламент функционира подобро од европските. 18,2% од анкетираните немале одговор на ова прашање.
Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена во периодот од 4 до 7 октомври, годинава, врз репрезентативен примерок од 1106 испитаници, со маргина на грешка од плус – минус 3%.

На почеток