Македонија

Заев – Палмер: Северна Македонија и САД го делат оптимизмот дека евро-атлантските процеси успешно ќе се заокружат

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска ги прими во посета заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан Метју Палмер и амбасадорката на САД Кејт Мери Брнз.

На средбата е потврдено дека Северна Македонија и САД успешно го одржуваат и зајакнуваат воспоставеното стратешко партнерство во интерес на граѓаните на двете земји, како и во остварувањето на заедничките цели за демократски просперитет на регионот и во заедничките акции во борбата против тероризмот и екстремното насилство.

Премиерот Заев во разговорот со заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан Метју Палмер изрази благодарност за ратификацијата на Протоколот за пристапување на Северна Македонија во НАТО во американскиот Сенат, што е од особен придонес во заокружувањето на овој процес за полноправно членство на нашата земја во НАТО.

Претседателот на Владата на Северна Македонија Заев истакна дека земјата и понатаму останува посветена на процесот за интеграција во ЕУ и дека во периодот што претстои ќе продолжат реформските процеси, одржувањето атмосферата на релаксирани меѓуетнички односи, како и добрите односи со соседите.

На средбата заеднички беше констатирано дека е непоколеблива определбата на земјата за евро-атлантските процеси и дека Северна Македонија и САД го делат оптимизмот дека ќе бидат успешно заокружени.

Заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален пратеник за Западен Балкан Метју Палмер на средбата го реафирмираше јасниот став на САД дека тие остануваа сојузник на Северна Македонија на патот до полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и на континуираните напори и политики на земјата да обезбеди одржливи услови за просперитетна иднина за граѓаните на Северна Македонија.

На почеток