Македонија

Бајруш Сејдиу и Боки 13 се вмешани во „Рекет 2“ со спонзори од власта, му рече Милошоски на Заев

Пратеникот Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ од собраниската говорница, обраќајки му се на премиерот Зоран Заев рече дека улога во случајот „Рекет 2“ за кој ОЈО отвори предистражна постапка имал и Бојан Јовановски алијас Боки 13 кој е во притвор како обвинет во случајот „Рекет“. Милошоски потенцираше дека улога имал и Бајруш Сејдиу кој лежеше затворски казни како осуден за тешки кривични дела.

„Во „Рекет 2“ своја улога имал Бојан Јовановски и Бајруш Сејдиу. Никој не верува дека систематското рекетирање на стопански субјекти, можел да го направи човек кој немал ниту трансакциона сметка, Бојан Јовановски, без спонзори да му бидат луѓе во извршната власт. Мнозинството граѓани знаеме дека вакво рекетирање без власта не може да се случи. Мнозинството граѓани знае дека власта била директен спонзор, поддржувач, личен пријател, со главните рекетари“, рече Милошоски.

Во „Рекет 2“ се истражува дали директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и министерот за здравство Венко Филипче ја оневозможувале продажбата на „Диамед“ на шведската „Диаверум“ со што предизвикале штета и на бизнисменката и на државата. Дончев веќе изјави дека „Диаверум“ била двапати писмено предупредена од Фондот за сомнежи за злоупотреба со „Диамед“, кои ако се докажеле можеле да доведат до одземање на концесијата за управување со центрите за дијализа.

За потсетување, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски рече оти јавно ќе ја пласираат документацијата што ја имаат во врска со случајот, доколку Обвинителството постапува нетранспарентно.

На почеток