Македонија

СОНК и МОН блиску до договор – нова средба следната недела, Заев вели предложивме од април месец да одиме со ново 10 отсто покачување

СОНК и МОН се на добар пат да постигнат решение за платите на просветните работници, рече министерот Адеми по завршување на денешната средба со премиерот Заев во владата.Адеми не откри детали дали е можно прифаќање на сите услови на Синдикатот на просветните работници, но рече дека се разгледуваат сите решенија коишто се во согласност со можностите на владата и министерството.

А премиерот пак Зоран Заев, денеска наведе дека Владата има намера следната недела да го усвои буџетот за 2020 година, при што истакна  дека е многу блиску до постигнување на решение со СОНК и министерот за образование Арбер Адеми за покачување на платите во образованието.

–  Предлозите што ги дадовме до СОНК беа од април месец да одиме со ново 10 отсто покачување. Тоа акумулативно ќе значи повеќе од 21 отсто за две години и седум месеци. Буквално тие бараат да почнеме од јануари, да почнеме побрзо со ваквите постапки. За сето ова математиките велат дека покрај милијардите што ги даваме треба уште стотици, стотици милиони денари. Прашањето е дали ќе се откажеме од некоја градинка од некоја болница за да дадеме тука, не, не треба да се откажеме треба сите проекти да одат, треба сите да бидат задоволни, а сето тоа да биде рационално. Така да јас верувам дека ќе најдеме решение. Денеска во најмала рака ако не го најдеме решението, верувам ќе се доближиме, зошто во фаза на подготова е и самиот буџет. Денеска е можно договор, но и ако денеска не се реши, јас верувам дека во следните пет до седум дена ќе имаме конечна одлука, рече Заев.

Неделков најави дека следната недела ќе има уште неколку средби меѓу Синдикатот и министерството, на кои се очекува да се постигне договор. Тој го повтори ставот дека СОНК не отстапува од барањето – зголемувањето на платите да стапи во сила од 1 јануари 2020 година.

На почеток