Скопје

По повод 75 години од ослободувањето на Скопје – промовирана нова поштенска марка

Градоначалникот Петре Шилегов и директорот на Македонски пошти, Ејуп Рустеми денеска одржаа прес-конференција во бифето на Филхармонија – Парк Ибни Пајко, на којашто ја промовираа новата поштенска марка по повод 75 години од ослободувањето на Скопје.

  • Во пресрет на одбележувањето на 75 години од ослободувањето на Скопје, а како резултат на многугодишната соработка со Поштата на Северна Македонија, на огромно задоволство на сите нас денеска ја промовираме новата пригодна поштенска марка во чест на овој исклучително важен јубилеј за граѓаните на Скопје. Поштенските марки со мотиви од нашето Скопје, биле присутни не само во изданијата на нашата пошта по осамостојувањето на државата, туку и во рамките на СФРЈ, но и порано во времињата кога Скопје бил важен административен центар во рамките на други држави кои владееле на овие простори во минатото. Пригодните поштенски марки со мотиви од Скопје во минатото играле важна улога во промовирањето на многубројните културно-историски вредности и настани, како и на природните убавини во нашиот град и неговата околина – изјави Шилегов.

Тој додаде дека  изданијата на овие поштенски марки претставуваат и своевидни историски артефакти кои говорат за некогашниот изглед на градот и поважните белези од неговото минато.

  • Сакам да упатам огромна благодарност до Поштата на Северна Македонија која редовно ги одбележува големите јубилеи на Скопје со пригодни изданија на поштенските марки. А воедно упатувам и голема благодарност до авторката Лариса Донев која се погрижи токму ова издание да изгледа вака убаво. Убеден сум дека ова издание ќе побуди голем интерес кај колекционерите од целиот свет и на тој начин ќе го промовира славното минато на Скопје со кое сите ние се гордееме и ќе се гордееме уште многу години – нагласи Шилегов на денешната промоција на новата марка.

На почеток