Министерството за информатичко општество и администрација, на 12ти и 13ти ноември, е домаќин на годишната конференција на РеСПА за реформа на јавната администрација. Тема на конференцијата е „Дигитална трансформација: Реформа на јавната администрација за дигиталната ера“.
Во рамки на конференцијата се одржа прес конференција, на која обраќање имаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, министерката за јавна администрација на Р.Црна Гора Сузана Прибиловиќ, министерот за јавна администрација и локална самоуправа на Р.Србија Бранко Ружиќ, Невен Акшамија, директор на Агенцијата за државна служба на Босна и Херцеговина, Фрек Јанмаат од делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, како и директорката на школата за јавна администрација Ратка Секулиќ.
„Северна Македонија годинава што измина беше претседавач со РеСПА, а таа улога сега ја предавме на нашите пријатели од Црна Гора. Фокусот во годината што доаѓа, ќе биде испораката на услуги до граѓаните, со помош на алатките што ги нудат новите технологии“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој ги посочи активностите на МИОА за дигитализација на услугите: Централниот регистар на население, Порталот за е-услуги којшто многу скоро ќе биде пуштен во употреба, како и Националниот портал за е-услуги.
„Овој собир во Скопје е можност, преку размена на добри идеи, да се согледаат дополнителните насоки за продолжување на процесот на управување со дигитална трансформација, а исто така, преку имплементација на иновативни решенија, да се направи обид да се надминат детектираните проблеми и предизвици “, рече од своја странаминистерката за јавна администрација на Р.Црна Гора, Сузана Прибиловиќ.
„Регионалната соработка на Западен Балкан е многу важна, а дигитализацијата е процес кој не е исклучиво техничко технолошки туку и општествен процес“, рече меѓу другото министерот за јавна администрација и локална самоуправа на Р.Србија Бранко Ружиќ.
„Оваа конференција ќе им овозможи на земјите-членки на РЕСПА преглед на претходните практики и искуства во однос на воведувањето на дигитална трансформација во јавната администрација, како и конструктивен дијалог за предизвиците и пречките, но и за алатките и можностите што им се достапни на јавните администрации на Земјите-членки на РЕСПА на овој пат“, потенцираше Директорот на Агенцијата за државна служба на Босна и Херцеговина, Невен Акшамија.
Истакнувајќи дека реформата на јавната администрација, заедно со владеењето на правото и управувањето со економијата, е многу важна за интегративниот процес во ЕУ, Фрек Јанмаат од делегацијата на ЕУ во Северна Македонија рече дека ваквите настани се многу добри за земјите во регионот, бидејќи можат да разменуваат искуства и добри практики и учат едни од други.
„Ние ќе продолжиме со поддршката на сите земји во реионот во однос на процесот на реформи во јавната администрација и со поддршката кон РеСПА“, рече Јанмаат.
Директорката на Регионалната школа за јавна администрација, Ратка Секуловиќ, од своја страна го истакна придонесот на РеСПА во однос на градењето капацитети и спроведувањето активности за вмрежување, преку регионални состаноци, конференции, обуки, работилници, итн.
„Почитувајќи го мотото на годинашнава земја претседавач, Република Северна Македонија, поголемиот дел од организираните активности се фокусираа на дигитализацијата на јавните услуги и дигиталната трансформација. Ова претседателство го комплетираме со дводневна министерска конференција, како поддршка за оваа министерска средба која е посветена на дигиталната трансформација и нејзиното влијание во јавниот сектор“, рече Секулиќ.
фото и видео: МИОА