Македонија

Годината незавршена, а до народниот правобранител испратени рекорден број на поплаки за детските права

Годинава се уште не е завршена, а веќе имаме примено рекорден број на поплаки за детските права за разлика од другите години во кои сме имале помалку, од 150 до 160. Во оваа година досега имаме над 200, а најголемиот дел од поплаките се во сферата на образованието.

Ова денеска го истакна народниот правобранител Иџет Мемети, одговарајќи на новинарско прашање по повод Светскиот ден на правата на децата.

Тој додаде дека поплаки има и во сферата на здравството, во семејните односи, видувањата на родителите, како и за врсничкото насилство во училиштата. Оваа година имало доста поплаки во однос на тоа дека децата не можат да го остваруваат нивното загарантирано право на образование поради тоа што не се вакцинирани.

– Спроведовме, односно ги анализиравме сите состојби, имајќи ги предвид и Уставот и одлуката на Уставниот суд и дојдовме до заклучок како институција дека не смее да се занемари правото на образование кое е исто така фундаментално. Затоа, подготвивме посебна информација која ја упативме до Владата и побаравме од нив сите овие деца што останаа надвор од градинките и од училиштата, да се формира мултидисциплинарен тим и поединечно, случај по случај, да се проверуваат сите деца. Само на таков начин ние ќе покажеме дека имаме волја, водиме реална грижа и за правото за добро здравје и за здравјето на луѓето, но и за фундаменталното право за образование, посочи Мемети.

Мемети рече дека овој ден, кога се одбележува Светскиот ден на детето и три децении од усвојувањето на Конвенцијата за права на детето од страна на Генералното собрание на ОН, е можност сите ние, како семејство, установи, како органи, институции да се запрашаме дали мерките и активностите што ги преземаме за децата се доволни, дали успеваме да обезбедиме пристап до правата за сите деца онака како што налага Конвенцијата и колку реално децата ги остваруваат истите.

фото: Архива

 

На почеток