Кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт во април, веднаш ќе направи ребаланс на буџетот и ќе заврши расипничкото трошење пари, истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Опозицијата обвинува дека буџетот е расипнички.
„Власта за 2020 година предвидува да потроши неверојатни 4 милијарди евра. Буџетот за идната година е поголем за 200 милиони евра од буџетот за оваа година, а сумата која се одвојува за капитални инвестиции и процентуално и номинално е помала од сумата која беше предвидена за оваа година. Наместо буџетот да придонесува за подобрување на квалитетот и продуктивноста на администрацијата, Заев и Ангеловска со овој буџет прават класичен поткуп за претстојните парламентарни избори, манипулирајќи ги граѓаните велејќи дека вложуваат во човечки капитал. Исто така, слушаме нов поим во науката – инвестиции во човечките ресурси, во исплата на плати во државна администрација која не е намалена, туку уште се зголемува заради партиски цели, а овој буџет единствено треба да помогне во предизборниот период за потребите на СДСМ. Ова не е ни приближно вложување во човечки капитал туку класичен пример за буџет кој што треба да служи за поткуп, уцени и корупција со гласачите“, рече Мицевски.
Инаку, денеска започнува комисиската расправа за буџетот за идната година.
фото: Архива