Македонија

СДК: Наколната населба кај Градиште била постара 2.400 години од она што се претпоставуваше

Швајцарските експерти кои пред една година ја проучуваа наколната населба кај Градиште ни кажаа дека таа е постара 2.400 години од она што ние го претпоставуваме, вели археологот Паско Кузман, на чија иницијатива беше реконструирана оваа праисториска населба, објави Сакам да кажам.мк.

 „Кога ја откривме, обелоденивме дека таа потекнува од периодот од 1200 до 700 година пред нашата ера. Швајцарците ни рекоа дека потекнува од 3600 година пред нашата ера“, кажа Кузман, за Сакам да кажам.мк.

Тој додава дека на дното на езерото биле откриени над 6.000 стари колја.

Во 1977 година беа извршени првите подводни археолошки истражувања во Македонија на локалитетот Плоча Миќов Град, во Заливот на Коските, покрај јужниот брег на полуостровот Градиште, близу селото Пештани.

На длабочина од три до пет метри беа откриени многубројни дрвени колци закачени во езероското дно и многуброен движен археолошки материјал со хронолошка припадност на крајот од бронзеното и почетокот на железното време, односно, од 1200 година п.н.е. до 700 година н.е. Се претпоставува дека оваа и другите слични населби на Охридското Езеро припаѓаат на времето кога почнале да се профилираат првите племенски популации, односно, на времето на егзистирање на Бригите, најстарата племенска заедница од овие краишта, која е, всушност, составен елемент на старомакедонскиот етнички супстрат.

Истражувачите на дното од езерото евидентираа 6000 дрвени колци во истражувачките кампањи изведувани повремено од 1997 до 2005 година.

На почеток