Пратеникот од СДСМ, Костадин Ацевски, ги демантира наводите во медиумите дека ја натепал сопругата. Тој рече дека најодговорно тврди дека се нема случено никакво физичко, психичко, вербално ниту какво било насилство од негова страна врз неговата сопруга.
„Објавените информации денеска за наводно семејно насилство во мојот дом се кулминација на серијата лажни вести и невистини што одредени медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ во континуитет ги пласираат за мене и моето семејство. Најостро и целосно ги демантирам и ги отфрлам и осудувам пласираните невистини за наводно семејно насилство во мојот дом или предизвикано од мене. Ова го квалификувам како бесрамна лага, манипулација и злоупотреба на малолетни деца, семејни односи и недоразбирања во дневно политички цели. Најодговорно тврдам дека се нема случено никакво физичко, психичко, вербално ниту какво било насилство од моја страна врз мојата сопруга“, рече Ацевски.
Според него, нападите врз него и, како што рече, пласираните невистини биле изведени синхронизирано од медиуми блиски до ВМРО-ДПМНЕ и рече дека никој не побарал негов став.
„Насилството не е и никогаш нема да биде мој начин на решавање на недоразбирањата. Како одговорна личност, ги повикувам сите надлежни институции уште еднаш да го проверат случајот и да ја информираат јавноста. Ако има вина за какво било постапување, веднаш сум подготвен да поднесам оставка од функцијата и ќе преземам целосна одговорност“, рече Ацевски.
Тој апелира до медиумите невистините да ги заменат со вистини, конструкциите со факти и да престанат да злоупотребуваат лични човечки судбини.
„Ито така, апелирам колешката Благица Ласоска да ги провери фактите и по проверка на истите да упати јавно извинување за дадената денешна изјава, во спротивно ќе сметам дека и она е дел од конструкцијата и пласирањето на лажни вести и невистини“, рече Ацевски.