Македонија

Некој ќе го изгасне светлото: Алармантна бројка на иселени и азиланти од Македонија

Миграциска „треска“ во Западен Балкан. Дури 3 милиони жители во последните 10 години заминале во некоја од земјите од ЕУ, покажува најновата анализа на Институтот за европска политика на Косово.

Најголемото „раздвижување“ е регистрирано во 2015 и 2018 година.

3 милиони жители од западен Балкан во ЕУ.

Податоците за Македонија покажуваат дека во периодот од 2008 до 2018 година заминале 258.020 жители. Првиот сериозен бран на заминување е регистриран 2015-та кога земјава ја напуштиле околу 27.500 жители. Рекордот е направен лани кога во ЕУ мигрирале 33,337 жители.

61,3 отсто од македонските државјани побарале дозвола за престој во ЕУ, 16,7 отсто нелегално заминале во еврозонатам а скоро 22 проценти побарале азил.

За поранешниот директор на Статистика Дончо Герасимовски бројката на иселени во ЕУ последнава деценија е загрижувачка. Но, вели, бројот е далеку од реален бидејќи луѓето заминуваат и во прекуокенаските земји.

„Рачунајте дека тоа се 24-25 илјади се само во 2018 година во земјите на ЕУ кои што се регистрирани. Меѓутоа, колку наши граѓани се заминати со бугарски пасоши и се пријавуваат како бугарски државјани е друго прашање. Колку наши се заминати надвор од земјите на Европската унија?“ изјави Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС.

Најгорливиот проблем останува иселувањето на младиот и високобразован кадар. Подобар живот, подобро школување и можност за унапредување се причините поради кои се повеќе млади се одлучуваат за билет во еден правец.

„Ниту една институција нема официјален податок колку точно луѓе ги напуштиле границите на Македонија. Затоа демографите и натаму апелираат што побрзо да се спроведе пописот кој ќе ја даде точната слика за демографските процеси во земјава.

Албанија е лидер во регионот по бројот на иселени лица, за 10 години се иселиле речиси 1.250.000 луѓе. Најмалку, пак, од Црна Гора, 36 илјади жители.

На почеток