„Либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одговори на нивните барања во рамки на позитивните законски прописи. АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас“, вели во интервју за МИА Томислав Тунтев, директор на АЦВ.
Тунтев во интервјуто кажува за најавените дополнителни вложувања од концесионерот ТАВ во аеродромите во Охрид и во Скопје меѓу останатото и за проширување на капацитетите со оглед на растот на бројот на патници.
„Сите субјекти во воздухопловниот транспортен систем треба да одговорат на современите барања и предизвици, а целта е да се обезбеди сигурен, уреден, ефикасен и еколошки одржлив транспорт на луѓе и стоки, во согласност со високите критериуми што произлегуваат од меѓународните стандарди и препораки. Покрај тоа, сите наши граѓанки и граѓани заслужуваат да имаат безбеден, евтин и лесно достапен воздушен транспорт, што ќе им овозможи повеќе патувања на атрактивни европски и светски дестинации. Аеродромскиот концесионер треба континуирано да работи врз подигнување на квалитетот на аеродромските услуги, па затоа е неопходно вложување во реконструкција и надградба на аеродромската инфраструктура. Во оваа фаза не се работи за дополнителни вложувања, туку за доисполнување на обврските на ТАВ Македонија што произлегуваат од концесискиот договор. Имено, со најавените измени и дополнувања на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство ќе бидат создадени услови за пренамена на дел од средствата во инфраструктурни инвестиции од јавен интерес, доколку стручната анализа покаже дека првичното договорено вложување во одредени проекти нема повеќе економска оправданост. На тој начин ќе биде овозможено дел од парите од концесискиот договор да бидат вложени во реконструкција, рехабилитација и проширување на постојните аеродромски инфраструктурни капацитети.
Од друга страна, либерализацијата на воздушниот простор и креирањето квалитетни законски рамки во билатералната соработка со голем број европски земји ја отвораат можноста за постојан влез на нови воздушни превозници на македонскиот пазар. АЦВ како институција е максимално посветена брзо и ефикасно да одоговори на нивните барања во рамките на позитивните законски прописи. Покрај тоа, АЦВ одржува редовна комуникација со голем број субјекти што се заинтересирани за воведување нови воздушни линии од и до македонските аеродроми, презентирајќи ги погодните услови и можности за развој на авиобизнисот кај нас.
Што се однесува до прашањето за формирање национален авиопревозник, морам повторно да го реафирмирам моето лично мислење дека во овој момент нема економски одржливи перформанси и финансиски потенцијали, односно дека не постои економска оправданост за развој на еден таков застарен концепт. Имено, резултатите од досега извршените стручни истражувања, анализи и физибилити-студии кај нас, како и компаративните искуства од примерите од сите држави во регионот, покажуваат реални ненадминливи оперативни тешкотии на превозникот, сериозни финансиски предизвици за државата, неконкурентност на воздухопловниот пазар и неопходност од континуиран државен интервенцизам, наспроти современиот пристап во ЕУ за поддршка на пазарните вредности и лојалната конкуренција во давањето на воздухопловните услуги. Сепак, доколку се појави сериозен инвеститор во областа на воздушниот транспорт кој би сакал да влезе на меѓународниот пазар со современи авиони во македонскиот регистар, и доколку државата препознае економски интерес за заедничко вложување или друг вид јавно-приватно партнерство во авиобизнисот, тогаш АЦВ ќе биде целосно подготвена во рамките на нејзината надлежност да ги реализира сите неопходни активности тоа да го овозможи“, истакна Тунтев.
извор: МИА