Магазин

За прв пат „Преспа квиз“ во Ресен

За прв пат, Преспа добива нова, забавна и едукативна авантура. Јавната установа Дом на култура „Драги Тозија” од Ресен, синоќа го започна првиот циклус од  тридневната забавно-едукативна манифестација „Преспа Квиз”. Во квизот учествуваат ученици од петте основни училишта во Преспа, а настанот се одржува во кино салата при Домот на културата.

„Квизот ќе има три етапи, а синоќа се одржаа првите натпревари, кога беа елиминирани две од петте училишта. Веќе на 17 декември ќе го имаме вториот натпреварувачки круг, во кој трите преостанати училишта ќе ди одмерат силите, а едно ќе мора за жал да отпадне. Големото финале помеѓу двете преостанати најдобри училишта, ќе се одржи на 20 декември, кога ќе биде прогласен и победникот на овој прв „Преспа квиз“. Учениците ќе ги покажат своите знаења и способности во пет области: македонски јазик и литература, спорт, култура и уметност, природни науки, логика и загатки“, рече директорот на културната установа, Васко Василевски.

Натпреварите се исполнети и со многу забава, со учество на ученици од училиштата кои се натпреваруваат во првиот „Преспа квиз“.

На почеток