Македонија

Мицкоски: Политиката е многу повеќе од раката ставена на срце, од таа насмевка на незнаење и глумење наивност во која што веќе никој не верува

Ги издржавме три години, со штета која ја направија за триста години, ќе ги издржиме уште три и пол месеци. И одговорот следи на 12-ти април, а јас знам каков ќе биде. Следи громогласно ехо на народот, силен татнеж на обесправените, осиромашените, на измачениот народ, на оној чиј образ пробаа да го извалкаат чие достоинство го тргуваа, чија кичма ја виткаа како да е нивната. Излегува народот, Македонскиот народ и граѓаните на Македонија кои се креваат, а Македонецот кога бил сложен и обединет поместувал планини  така ќе биде и овој пат. 12-ти април е тој ден, денот на одговорот. Македонскиот референдум, нашиот 8ми септември. Денот „Д“ кога народот одлучува, а таа одлука почитувани значи само едно, а тоа е победа, победа на Македонија, заедничка и силна и исправена победа, истакна  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од денешниот голем народен собир организиран од партијата.

Мицкоски пред присутните партиски членови во саката Јане сандански во Аерпдром додаде:

И некој ќе рече како си толку сигурен. Сигурен сум затоа што не се само анкетите, јас си го знам мојот народ, јас верувам во мојот народ и знам што сака тој. Мојот народ е горд и достоинствен со крената глава и големо срце. А тоа го видов и изминатите три и пол месеци, време кога поминав 12 илјади километри низ нашата Македонија,низ нашите градови и села, низ улиците, плоштадите, булеварите заедно со комитетите. Видов илјадници луѓе, сите заедно слушнавме неколку десетици илјади проблеми во рамките на „Разговорите за Обнова на Македонија“. И ќе ви кажам, проблемите немаат ниту вера ниту нација, тие се заеднички затоа што  тешкиот живот е заеднички. Има страшна подвоеност, една застрашувачка одлепеност на власта од реалноста.

И го знам секој трепет и секоја страст за промени кога говоревте со мене. Многу добро ги знам проблемите и личните голготи кои ги преживувате. Заедно зборувавме со Горан од Струмица, со Марија од Битола,  со Трајче од Вевчани, со Бесим од Гостивар, со Томе од Куманово,на Диме од Охрид. Ги запаметив добро проблемите кои ги живеете за да дојдеме до решенијата кои ви требаат.

Ја гледам вашата одлучност, и ја разбирам вашата разочараност. Но и го знам одговорот на вашите проблеми, и знам дека оваа влада ја помина  секоја црвена линија, но исто така ја гледам вашата искреност и желба за промени, тоа се гледа во стисокот на вашата рака, во отворените очи кога се поздравувате, од воздишките поради тешкиот и мачен живот, прегратката која кажува дека сега дојде денот, отчука часот и е време е за дејствување. Тоа е така затоа што и покрај сите порази кои во себе го носат името и презимето Зоран Заев, на Македонија браќа и сестри и требаат победи, а нашиот народ е победнички, и тој секогаш врвел низ најтрновитиот пат, низ најтешкиот и најдолгиот пат,  но на крај важно е дека секогаш на крајот победувал. Тоа е важно, на крајот победувал. Ретки се тие прилики кога треба да се биде гласен, а сега е тоа време. И ги видовме и кој се, и што се од оваа власт и колку не чинат, и на што се подготвени само за да останат. За нив денот поминат на власт, значи повеќе пари, а за народот поголема сиромаштија, истакна Мицкоски.

– Секоја година, три години по ред ги прогласува за економски години, и три години економијата тоне уште повеќе. Европската Унија е надеж, но Европската Унија мораме да ја заслужиме со работа, а не да чекаме како Заев што чека, да не наградат затоа што сме го продале идентитетот и така да мислиме дека ЕУ ќе не толерира, ќе го толерира криминалот на Заеви, „Рекет 1“, „Рекет 2“ и уште колку ли продолженија од серијалот „Рекет“ ќе слушаме, ќе толерира вирус, криминални уништувања на инсулин, кеш исплати за СЈО, сведоштва за превземени бизниси, криминални испумпувања преку фиктивни фирми и тајкуни како што е случајот со „ТЕТО“. Ќе толерира пратеници со психотропни супстанци, градоначалник насилник и што ли уште не, само поради тоа што Заев го смени името. И овие случаи се повеќето без истрага, а камоли обвинителен акт. И уште пострашно, овие се во рацете на корумпирани судии и обвинители, под контрола на власта.

Политиката е многу повеќе од раката ставена на срце, од таа насмевка на незнаење и глумење наивност во која што веќе никој не верува. И секако оние шеги кој никој не ги разбира, се сеќавате за душата, срцето и петата, па и неговите изјави дека со сила можеш да му дадеш, ама не можеш да му земеш, дека Турците се бореле против Османлиите, па тој Заевизам заразно пренесен кај другите од раководството во неговата партија, дека Борис Сарафов откако умрел го убил Ѓорче Петров, па до тоа дека треба да сме горди што знамето на Сојузната држава Аризона се веело на опашката на авионот на силите на САД, ама сме требале да мислиме дека е македонското знаме. Па до оние моменти на вистинското лице на власта каде на народот му порачуваат „никад да не не гласаш”, епа нема да ве гласаат на 12-ти април. Тоа што си посакавте, тоа и ќе ви испорача народот. Нема да ве гласа на 12-ти април. Па се до чесната и напатена жена тетка Перса од Волково, која на лицемерот во очи го посипа со реалноста дека условите за живот се како во 15-ти век, наспроти убедувањата на власта дека има асфалтирана улица, случка која што потсетува на онаа прераскажаната од времето на Тодор Живков „оваа дупка не е дупка”.

Сето ова говори кои луѓе ни ја водат државата и на се што се подготвени да сторат. Но и дека работите мора да се сменат, и тука има една апсолутна вистина, а тоа е за да работите се сменат почитувани од нас зависи, само од нас. Ние сме тие кои се господари на својата судбина. И никој друг. Од нас зависи.

Сетете се на песната на почетокот од овој собир:

Едно место, едно парче земја на југ,

може за тебе да биде рај.

Ова е нашиот рај, ова е нашиот дом, верувале или не, ова е она за кое што треба да се погине и се вика Македонија. Тој рај зависи само од нас. Од нас зависи тој рај и од ништо друго, истакна Мицкоски.

Имам и визија, нашата визија е обновата која содржи конкретни решенија.

Затоа, почитувани присутни, браќа и сестри, можам да се обврзам овде пред вас и заедно со вас на чесна и честита работа. Многу пот како оваа денешната, многу жилава и макотрпна работа, работа која што секој од вас ќе ја почувствува. Ќе бидете дел од обновата на Македонија. Ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во 4 годишниот мандат ќе реализира проекти, капитални инвестиции за развој на нашата мила Македонија во вредност од не помалку 2 милијарди евра. Тоа јас ви го ветувам. Реализирани проекти. Не бројки на хартија. Реализирани, осмислени и испорачани проекти. За економија со брз раст, за сигурна иднина на нашите граѓани.

Се обврзувам и ви ветувам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во својот мандат ќе испорача проекти во вредност преку странски инвестиции, домашни инвестиции, во вредност не помала од 4 милијарди евра, се обврзувам овде пред вас.

Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ во својот 4 годишен мандат ќе  вложи не помалку од 1 милијарда евра за заштита на животната средина, да ни дишат најмилите чист воздух.

Проекти во енергетската ефикасност и брза експресна гасификација на Македонија. Проекти во вредност од не помала од една милијарда евра.

И не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух. Тоа е невозможно. Но можам да ви ветам најмалку 50-тина почист, амбиентален воздух за македонските граѓани. За граѓаните на Македонија.

Инвестиции во образованието за најмладите од претшколска возраст. За студентите, реновирани студентски домови. Најмалку еден универзитет на Шангајската ранг листа. Во вредност од не помалку од една милијарда евра во образованието. Кое што е најважно за иднината на нашата држава.

Не криминални тендери во здравството, не криминални тендери за нови замислени клинички центри. Нови болници и реновирани амбуланти, клинички центри според потребите на граѓаните, повеќе од две милијарди евра во еден мандат. Инвестиција во здравството и во медицинскиот кадар. Да не ги полниме клиниките во Европа и во светот со нашите доктори. Тука да останат во Македонија и да ги лекуваат македонските граѓани.

За земјоделците подготвуваме специјален пакет, редовна исплата на субвенциите, а не редици еднаш годишно. Загарантиран откуп се што е во моќта на владата, ќе сториме за загарантираниот откуп да стане реалност за земјоделците. Неколку стотици милиони евра, инвестиција во земјоделието за поддршка на земјоделците кои што ја хранат Македонија, а од плодот кој што го раѓаат нашите ниви ја хранат и Европа и светот.

За највозрасните, за пензионерите враќање на стариот модел каде што два пати годишно  растеа пензиите. Тоа што им го укина Зоран Заев заедно со Царовска Мила. Раст на пензиите според трошоците  за живот и порастот на просечната плата во Македонија  два пати годишно. Се обврзуваме дека тоа ќе го направиме.

За бизнис заедницата, за оние коишто денеска се жртва на рекетот, притисоците, уцените и заканите на најбогатото семејство на Балканот кое што уште неколку месеци ќе биде власт во Македонија.

Враќање на рамниот данок и сукцесивно намалување по половина процент секоја година повеќе од  милијарда денари назад во бизнисот, па повелете инвестирајте за развој на Македонија и развој на вашиот бизнис. Вработувајте луѓе во нас ќе имате пријатели, никој нема да ве уценува, никој нема да ве рекетира секој таков случај, мојот телефон ви стои на располагање. Пријавете го за неправдата. Нема компромис колку и да е близок, колку и да бил тој човек со мене. Ослободете се , инвестирајте, креирајте работни места за овој народ, за македонскиот народ  и граѓаните на Македонија.

Спортот и културата како државен проект, да се радуваме во оваа сала повторно на големините на  ракометните имиња, на европскиот шампион, ракометниот клуб „Вардар“ од Скопје. Да се радуваме на успесите на женскиот ракометен првак повторно „Кометал Ѓорче Петров“. Да се радуваме на одбраните на министерот за одбрана, Борко Ристовски. Да се радуваме на головите на проектилот Кирил Лазаров. Да се радуваме заедно за успесите на кошаркарската репрезентација како што тоа ни го приреди на европското првенство во Литванија, се сеќавате ли височините беа прениски за нив. Не постоеше кошаркарска велесила  која што не беше совлада.

Да се надеваме на Спартанците на одбојкарите кои што ни го обелија образот оваа година на европското првенство повторно да се вивнат во европските и светските височини.

Да се потсетиме на боксерите, да се потсетиме на олипјиските медали, на медалите од европските и светските  првенства на нашите боксери. Да се потсетиме на светската титула на „Јака Бучим“ од Радовиш во борење. Да се потсетиме на гладијаторската борба на Шабан Трстена на олимпијските игри, на европските првенства. Да се потсетиме на „Баргала“ од  Штип, боречкиот клуб.

Спортот како државен проект заедно со културата, да се врати назад, успехот на фудбалскиот клуб „Вардар„ во лигата на Европа, следната големина да биде лигата на шампиони за ФК„Вардар“.

Поддршка за сите останати спортски клубови коишто играа, се натпреваруваа и носеа успеси и резултати за Македонија.

Да помогнеме како држава и како влада конечно нашата фудбалска репрезентација да се најде на едно европско, на едно светско првенство и повторно да се радуваме  како што се радувавме на голот на Артим Шакири, како што се радувавме на головите на Пандев и Панчев.

Тоа е она браќа и сестри  кое што ќе го понудиме во овој четири годишен мандат, рече меѓудругото Мицкоски.

фото ФБ

 

 

                                       

На почеток