Македонија

Донесени законските измени за трет анекс на Договорот за автопатот Кичево – Охрид

Собранието на Република Македонија во попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 65. седница едногласно со 55 гласови „за” го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка.

Со законските измени ќе се овозможи склучување трет анекс на Договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид заради потребата од дополнителен заем од 187 милиони евра за непредвидени градежни работи од основниот проект и дополнителни градежни работи што се нужни и неопходни за целосно и квалитетно завршување на проектот.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески посочи дека во наредниот период ќе бидат надминати сите проблеми кои ги има автопатот Кичево – Охрид, а дел, како што рече, веќе се надминати. Тој се заблагодари на опозицијата за најавата дека ќе го поддржат третиот анекс на Договорот.

„Можеби беше потребен малку подолг временски период, но проблемите беа големи, а проектот комплетно промашен. Во основниот проект кој е правен за автопатот Кичево – Охрид клучки не се предвидени. Кога го видела тоа од претходната влада распишан е тендер за проектирање на клучките. Проектирани се осум клучки и една што е постоечка, а за изведбата согласно фидинг-црвената книга не смее да има тендери, бидејќи на трасата мора да продолжи да работи изведувачот што е избран“, појасни  Сугарески.

Хари Локвенец од СДСМ рече дека одлуката за проектирање на клучките е донесена во 2014 година и за тоа на изведувачот „Чакар партнерс“ му се платени 40 милиони денари. Проектот за автопатот го оцени како криминален и рече дека изградбата ќе чини речиси 11 милиони евра по километар.

„Оваа влада заштеди 95 милиони евра. Преоктот за доработка по цените со кој првично е договарана изградбата на автопатот во износ од 411 милиони евра би чинел 282 милиони евра, а сега ќе чини 187 милиони евра“, рече Локвенец.

Во реплика Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека цената на чинење на проектот од 411 се зголемува на 600 милиони евра, а осумте клучки и паралелниот пат не се дел од договорот со Синохидро. Додавањето на клучките е одлука на влада, но не било прецизирано кој да ги гради.

„Ако одеше овој проект со осумте клучки и паралелниот пат од Арбиново до Врбјани преку Претпријатието за државни патишта ќе беше објавен тендер. Предвидено беше да се градат со пари од Буџетот, а не со кинескиот кредит. Сега ќе се градат без тендерирање, а чинат најмалку 25 милиони евра една“, рече Димовски.

Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ обвини за непринципиелност и додаде дека кога министерот за транспорт беше координатор на пратеничката група на СДСМ во Собранието велеше дека изградбата на автопатот од Кичево до Охрид од 400 милиони евра е прескапа, а сега бара уште нови 200 милиони и плус уште три години да се гради.

„Ќе потрошите дополнителни 200 милиони евра без тендер, а ни велите дека ќе заштедите 150 милиони евра. Ако сте сигурни во себе што не отидовте на арбитража и да ги добиевте Кинезите и да кажевте дека проектот е комплетно промашен. Зошто година и пол ви стоеа патиштата и се пролонгираше изградбата. Во меѓувреме работниците заминаа во странство“, рече Ѓорчев и праша зошто сега анексот оди по итна постапка.

Во реплика министерот Сугарески му рече дека само во две ставки сегашната власт договорила разлика од 40 милиони евра помалку.

„Разликата меѓу старата и новата влада е 35 отсто. Кога е СДСМ на власт цената е 35 проценти пониска. Ако одевме на арбитража сигурно ќе изгубевме, бидејќи вашата власт создаде таква состојба“, рече Сугарески.

Собранието без расправа со 62 глас „за“ и еден „против“’ го усвои и Законот за изменување на Изборниот законик, по скратена постапка, поднесен од пратениците Томмислав Тунтев, Ејуп Алими, Никола Мицевски и Неџбедин Каремани. 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток