Македонија

Героски: Кои се петте луѓе блиски на Заев што ја менаџирале аферата „Рекет“ од втор план?

Ако пропеат Боки, Фросина и Катица – а првите двајца веќе најавуваат дека нема да молчат – ќе дознаеме за поврзаноста со „Рекет“ на блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, на многу важен советник на Заев од една странска земја, на познат интелектуалец и на познат новинар кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, на многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Она што го знаеме за „Рекет“ е само врвот на ледениот брег, напиша новинарот Бранко Героски.

Героски додава: Кон крајот на јули минатата година, во еден од моите написи за аферата „Рекет“, малку непристојно можеби, јавно се поканив на средба со сега веќе поранешниот премиер Зоран Заев. Лут поради тоа што ја отворив аферата, збунет од развојот на настаните и неспремен да се справува со кризата, Заев на една прес-конференција си нарача прашање од својот омилен новинар Саше Ивановски дали ќе прифател да се сретне со мене, за фраерски да одговори – немало зошто да се сретнува со мене, а јас („суетниот новинар“, нели) сѐ што сум знаел да сум пријавел во Јавното обвинителство.

Ветив дека на аферата „Рекет“ и на другите корупциски скандали ќе се навратам после празниците и после зимскиот распуст, но ете, настаните добиваат нова динамика. Читам дека обвинетиот Бојан Јовановски дал долг и можеби пресвртен исказ кај обвинителката Вилма Русковска, односно одлучил да посочи на вистинските виновници за овој мегакорупциски скандал. Ако не ме лаже усетот, Боки конечно сфатил дека нему му е наменета улогата на жртвено јагне, односно дека тој ќе биде жестоко казнет за власта предизборно да демонстрира „правда“, а сите други кривично и политички одговорни лица, освен обвинетите, ќе се спасат.

Мислам дека од истото се плаши и Фросина Ременски, дека како третообвинета во „Рекет 2“ ќе добие затворска казна и на нејзини плеќи ќе падне товарот на одговорноста на луѓето од власта за скаламуциите на Меѓународен сојуз. Јас секако не велам дека Боки и Фросина не се клучни актери во овој мега скандал. Напротив. Но, како што навестив во некои од моите написи минатото лето, Јовановски сепак беше само маша во рацете на многу покрупни играчи, кои на крајот го собраа кајмакот од милионскиот рекет. За таа игранка сакав да зборувам со Заев. Да бидам искрен, неговото нервозно одбивање да ме прими и да слушне што имам да му кажам, тогаш ме изненади. Денес веќе сѐ ми е јасно.

Се надевам дека нема да се лутите што нема да ги именувам овие луѓе, но јасно ќе посочам на нив – тоа се блиска соработничка на Заев од врвот на СДСМ, многу близок советник на Заев од една странска земја, познат интелектуалец и познат лик од 1ТВ кои ги воспоставуваат линковите меѓу Боки и Катица, а најстрашно од сѐ, многу близок човек на Зоран Заев, кој ги менаџира и ги контролира сите поголеми бизнис зделки во земјава. Конечно, останува отворено прашањето дали целата операција е водена со дозвола на Заев, или и Заев бил само „изманипулиран“.

За Опасниот советник, но и за деталите за „Рекет“, читајте на Плусинфо.мк

На почеток