Коментари

Јоци: Геро, душо прикаската „Рекет“ се врти против тебе

,Тажно е тоа за еден човек, ти, кој потроши 10 години од својот живот на симнување на Груевски од власт, се извини притоа јавно на македонскиот народ што го донел на власт, сега повторно да се става во его дека прави нешто добро за Македонија, чистејќи му го патот на тој будимпештански бегалец….Ништо добро не правиш”… напиша Јоци. Таа  образложи …

 

Драг, Геро.

Дали ти си решил да го враќаш Никола Груевски на власт, не знам, но она што за сигурно го знам во моментов е дека ти си ујдисан со оние кои работеа за него ревносно додека беше на власт и го оддржуваа во живот. Луѓе, чии сниматели, мене ми се закануваа деновиве, навредуваа жолчно, клеветеа, кои се пријавени во МВР. Да биде појасно.

И многу други колеги добиваат закани од луѓе блиски до таа сотоната, но секако тебе тоа не те интересира. Ти не креваш ни телефон да прашаш кому, дали, нешто треба околу тоа, камоли дали некој е болен, му починало дете, па дополнително го цедиш и му земаш животни сокови со твои небулози.

Тажно е тоа за еден човек, ти, кој потроши 10 години од својот живот на симнување на Груевски од власт, се извини притоа јавно на македонскиот народ што го донел на власт, сега повторно да се става во его дека прави нешто добро за Македонија, чистејќи му го патот на тој будимпештански бегалец.

Ништо добро не правиш за Македонија, слушај ме. Јас и ти не сме толку блиски, не верувам дека ќе ме послушаш, но мое е да си кажам.
Ништо од ова не е на арно, Геро.
Деструкцијата не е на арно, особено не самодеструкцијата.

И сега си прв другар со тие луѓе, тераш кампањи, на јавноста и` матиш памет со нафрлања, прекари, дека си добил некакви нови , визии” за некојси нов ,,Рекет” (веројатно број 4), откако претходно тврдеше во колумна од 24.8.2019 година дека Зоран Заев и Радмила Шеќеринска не биле вмешани во оваа афера, а и други. Дај одлучи се, ќе трачариш како тетка сретсело или ќе приложиш докази на јавноста кога ,,кинеш” глави на колеги и други луѓе кои тебе не ти се по ќеф?
И самиот знаеш дека со некои од тие луѓе сум само на ,,здраво” со години, не се мирисаме многу, сме се карале, парталосувале, но тие се ,,наше” јато. Како и да е.
И знаеме кога да сопреме.
Ти не знаеш. На 58 години ти не знаеш кога е доста.

И сега те бранат од мене и ,,твоите” – вмровците. Со истиот вокабулар со кој тебе со години те напаѓаа и валкаа. Па, Геро, како човек да не се смее на сево ова, на овој филм идентичен како ,,Булевар на самракот”, во кој главната холивудска ѕвезда не може да се помири дека не е повеќе толку славна. Па, мора да пука во некого, да убие и во состојба на халуцинација кога доаѓа полиција, камерите и новинарите, таа, пак се чувствува како некогаш, како гламурозна дива.

Баш сега во кампања ти текна, откако те немаше три месеци. На прв ден од техничка Влада, заедно со ,,Инфомакс” и латаси ти текна дека можеби имаш нешто ,,ново”.
Твое си е.
А, докази имаш? Неубаво е гласачкото тело да го збунуваш вака со прикаски чија објективност е тешко да се докаже со ,,рекла-казала”, но секако кроиш јавно мислење. Имаш одговорност пред јавноста за секој изречен збор.

Не, за друго, веднаш ве демантираше Јавно обвинителство.

Еве, јас не те разбирам повеќе. Те разбирав до ,,пикот” на аферата и подигањето на обвиненија за Боки, Катица, Ременски, и другите од Меѓународен сојуз. Бидејќи имав инфо од претходно за тие луѓе.
За ,,Дијамед” не те разбрав, која ти ја нарече мислам ,,Рекет 2″, бидејќи се посомневав во изворите твои и секако намерите, а сега па ич не си ми јасен со обидот за медиумска егзекуција на новинари (кои грујовистите и ги нарекуваа платеници и соросоиди), твои долгогодишни пријатели без ниеден приложен материјален доказ.
Не би да бидам груба, но стануваш ист како оние кои и за тебе пишуваа исто, а сега со нив тераш кампањи. Те нарекуваа од ,,Инфомакс” – ,,Гериз”. Ако си заборавил.

И самиот знаеш, двете големи афери на кои бев еден од авторите ,,Вила Водно” и ,,Урбана мафија” од сам почеток беа ,,покриени” со документи. Без претпоставки, без прекари, се`на ачик. Директно атакувавме на премиер, Љубчо, со документи, не со ,,чамче муабети”. Затоа и беа толку големи и уште се на врвот. И по 15 години.
А, ,,Рекет” веќе е толку разводнета, да тече во канализација полека.

Туку, многу е смешно како Наталија Ивчева од ,,Инфомакс”, сајт на кој имаше интервју на Груевски во неколку продолженија од Будимпешта, те најавува кај неа на профил како нејзина лична сопственост, како нејзино куќно милениче. Ко главна уредничка да ти е, па точно знае што треба да пишеш дента. Во дослух сте или што е работава?

Да завршам. Имам многу други работи да напишам, каде ме вмеша без да ме прашаш во твои лични битки, но немам време тоа да раскажувам.

Ти кажав другарски летоска и пак ќе ти повторам. Големи афери треба да се тераат до одредена точка. Ти не стави точка, не процени кога требаше да сопреш. Ја помина црвената линија. И веќе нема назад.
Кога не знаеш каде да ставиш точка, се изместува перцепцијата на авторот, не сфаќа ни зошто почнал, ни каде треба да заврши.
Му се мати паметот, станува напнат, анксиозен, во сите гледа непријатели, станува деструктивен и прикаската почнува да се врти против него кога веќе нема што да соопшти на јавноста и влегува во шпекулации, кои, имено веднаш му ги демантираат официјални институции. Му доаѓа нешто како лек кој предолго го земаш, па место да ти помага, се врти против тебе по долга, неодговорна и непотребна консумација.

А, кој е всушност авторот!?

Имај убава пензија. Дали ќе уживаш во неа или ќе носиш терет и грижа на совест – сам си знаеш.

Јорданка Ивановска – Јоци

Извор: Joci

На почеток