Самата е млада и амбициозна, подготвена да се менува, но и да менува. Барем така вели за себе, па го цитира и Стив Џобс со ставот – оној кој е доволно луд да мисли дека може да ги смени работите е најчесто оној кој ги менува. Затоа и се нафатила да биде министерка за финансии – Нина Ангеловска во интервју за Фактор вели дека нема популизам во покачувањето на платите, на пензиите па тоа го правда со потребата да сe инвестира во кадар, за квалитетните млади и да останат овде. Вели дека во нашите деца вложуваме толку – за да тие можат да искористат само половина од потенцијалната продуктивност, како што покажа и анализа на Светска банка и дека тоа мора да се промени. Ангеловска е позитивна и демонстрира цврста убеденост во ставовите. Вели дека во Македoнија ќе има одржлив долг и дека проектот за поврат на ДДВ на граѓаните и наградната игра ќе придонесе за сузбивање на сивата економија, објави Фактор.мк.
Буџетот за следната година, кој е впрочем најголем во историјата го карактеризирате како буџет кој е насочен за инвестиции во човечки капитал. Верувате ли вие искрено дека ова е влог со таква суштина?
Додека СДСМ беше во опозиција овие мерки, односно зголемувањето на платите на пензиите ги карактеризираше како чист популизам. Нели се такви и овие, сите се предложени на крај на мандатот иако претходно СДСМ како левичарска партија тврдеше дека слични мерки само купуваат гласови. За дел од овие мерки свои забелешки имаа и ММФ и Светската банка.
Ангеловска: Има повеќе причини за одливот на мозоци од земјата, но една од најважните е економската, односно си одат поради ниските плати. Она што на краток рок може да се понуди е токму повисоки плати. Факт е дека имаме одлив на лекари, на медицински сестри, не само од јавното во приватното здравство, туку си заминуваат и од земјава. Второ, колку од квалитетните студенти се мотивирани да работат во просвета, знаејќи ги платите?
Ако сакаме да ги понудиме најдобрите здравствени услуги на граѓаните, треба најдобрите лекари и медицински персонал да ги задржиме во јавните здравствени установи. Да, треба, и се вложува во современа медецинска апаратура, но таа ќе биде бескорисна ако немаме квалитетни кадри кои ќе работат со неа. Ова е дејност која целосно зависи од човечкиот фактор. Истото е со образованието. Ако немате квалитетни кадри кои ќе бидат мотивирани да го пренесат знаењето на децата, нема да имате резултати во образованието.
Инвестираме во човечки капитал, за да ги задржиме тие луѓе тука и за да понатаму тие помогнат во продуцирање на попродуктивни генерации.
Понатаму, не би се сложила дека сега прв пат предизборно се покачуваат платите, тие се покачуваат повеќе пати од 2018 година. Со покачувањето на платите на лекарите од февруари 2020 година, последниве три години платата на лекар специјалист е покачена за околу 40 отсто. Само годинешното покачување на платата на лекар специјалист е 25 проценти, на општите лекари 15 отсто, а 10 проценти за медецинските сестри. Од јануари за 10 отсто се покачуваат и платите во образованието, со што кумулативното покачување на платите изнесува 20,6 проценти со претходните покачувања. На крај, да сумирам и конкретно да одговорам на вашето прашање – дали јас сметам дека овие мерки се популизам? Не, популистички работи се оние кои се во насока на купување на моменталното задоволство на граѓаните и кои немаат никакви или имаат негативни ефекти во иднината. Напротив, мерките кои ги преземаме за вложување во човечки капитал се во насока на поставување на работите на здрави фундаменти, за да идните генерции во оваа земја живеат подобро.
Интервјуто со министерката Нина Ангеловска за Фактор, може да го прочитате на овој линк.
фото: Архива