Здравствените власти на Кина денеска потврдија дека коронавирусот мутира, почнува многу побрзо да се шири, а тоа создава сериозни потешкотии епидемијата да се стави под контрола.
Засега во Кина најмногу случаи се забележани во градот Вухан, а се верува дека се проширил од пазарите со морска храна, иако изолирани случаи се регистрирани и во Шангај и во Пекинг.
Вирусот стигна и до САД. Маж кој неодамна се вратил во Сиетл од Вухан, каде бил на пат, е прво лице заразено со новиот вирус во Америка. Американскиот државјанин не покажувал симптоми кога се вратил во земјата минатата среда, кога сè уште не беа прегледувани патниците од Кина на неколку аеродроми во САД.
Мажот е хоспитализиран и е во добра состојба и претставува мал ризик за останатите.
„Имаме план и мислиме дека ќе биде многу добро спроведен. Веќе го спроведуваме многу добро. Центарот за контрола на болестите е одличен. Многу е професионален“, кажа Трамп на Маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Се верува дека сите меѓународни случаи на вирусот се поврзани со првобитната појава на вирусот во Вухан. Освен во Кина, заболени од вирусот има во Хонгконг, САД, Тајланд, Јужна Кореја, Јапонија и Тајван.
фото: Архива