Македонија

20 години затвор за убиецот на Ристо Иљашев чие тело беше пронајдено во браната „Турија“

Судскиот совет при Основниот суд во Струмица на чело со судијката Цона Каламерникова го прогласи за виновен Марјанчо Велев (54) од село Добрејци, струмичко, за убиство на струмичанецот Ристо Иљашев и му определи казна затвор во траење од 20 години – објави Медиумска информативна агенција (МИА).

Одлуката денеска ја соопшти судијката Каламерникова и обраложи дека на 7 мај лани на подмолен начин Велев го лишил од живот Иљашев.

„Откако се сретнале во Струмица со своето возило го однел во неговата работилница во село Добрејци и со малокалибарско оружје му пукал во пределот на тилот. Потоа го завиткал телото на покојникот во фолија и го ставил во буре во кое ставил 13 метални дискови, го засекол бурето на две места за да може да влезе вода во него и го фрлил во водите на брана „Турија“. Со ваквите дејства обвинитетиот сторил кривично дело убиство и се осудува на казна затвор во траење од 20 години“ – рече судијката Цона Каламерникова.

Од семејството на убиениот Иљашев рекоа дека не се задоволни од висината на пресудата и очекувале доживотна казна затвор.

Одбраната на осудениот најави дека ќе поднесат жалба до Апелацискиот суд и ќе бараат повторно отворање на постапката.

Инаку, полицијата го сомничи дека е сторител и на уште едно убиство врз 62-годишниот А.М., извршено на 9 октомври 2018 година, а телото на убиениот затворено во камионски резервоар за гориво беше извадено од браната „Турија“ на 5 август лани. За овој случај ОЈО Струмица се уште нема подигнато обвинение.

Текстот во целост на: МИА

На почеток