Македонија

Извештајот за Охрид испратен во Париз, УНЕСКО „ќе пресуди“ во јуни

Рокот на УНЕСКО за спроведување на 19-те препораки за заштита на Охридскиот регион заврши на почетокот на месецот, заедно со мониторингот на тројцата експерти на УНЕСКО, кој беше спроведен изминатите денови.

Извештајот изработен од надлежните институции, во соработка со Владата, кој го објавуваат колегите од novatv.mk веќе е испратен во централата во Париз.

Централната власт засега е задоволна од тоа како тече реализацијата на препораките, локалната е свесна за слабостите, а екологистите сметаат дека ситуацијата на теренот не е променета и за да се реши проблемот со Охридскиот регион потребно е тој да биде ставен на листата на УНЕСКО за светско наследство во опасност. Само со таков „црвен картон“, според нив, би можело да се крене свеста кај надлежните за она што навистина му се случува на регионот. Министерот без ресор, Едмонд Адеми, кој е претседател на Националната комисија за УНЕСКО, во изјава за Нова ТВ, вели дека списокот со остварени препораки е доволен за овој регион да го задржи статусот, за што УНЕСКО ќе одлучува во јуни на Самитот во Кина.

Рушењето на дивоградбите долж езерото останува сериозен проблем за Охрид. И за тоа е свесен и Адеми.

– Проблемот со дивоградбите е најсензитивен. Практично тој е и највидлив со голо око. Но, сепак, станува збор за покомплексна задача составена од повеќе компоненти која треба на подолг рок да ја реализираме. Со комплетирањето на инвентарот на бесправно изградени објекти и усвојувањето на планот за управување, остварени се предусловите да се премине на изработка на оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и оценка на влијание на културното наследство (ХИА). Со оцените за влијанието врз животната средина и врз културното наследство ќе се проценат идните активности што треба да се преземат со бесправно изградените градби. Врз основа на наодите објектите за кои ќе биде утврдено дека се потенцијална опасност по средината ќе треба да се отстранат. Ние сме сега во стадиум на отпочнување на тој проект и за тоа е известен УНЕСКО, вели Адеми.

Паралелно со процесот на изработка на инвентарот, општина Охрид го започна процесот на отстранување на објекти кој, согласно националната законска регулатива, нема можност за легализација, односно претставуваат нелегална узурпација на државно земјиште. И тука нема пардон. На сцена треба да стапат, вели Адеми, Општината и Државниот инспекторат.

Во јули 2019 година, пак, Владата донесе одлука со која ги насочи општините Охрид, Струга и Дебрца да донесат времен прекин на издавање на дозволи за градба и легализација на бесправно изградени објекти. Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, во изјава за медиумите деновиве рече дека секојдневно се соочуваат со отпор како од населението така и од правните лавиринти и најави дека потребна е поголема координација помеѓу надлежните институции и динамичен план за справување со овој проблем наталожен години наназад.

– Јас знам дека во јавноста акцијата се доживува како, да речам „млака“, само со отстранување на неколку платформи, меѓутоа во услови кога за 15 години не е отстранет ниту еден клинец во градот, секој си поставувал шанкови, куќи по своја сопствена желба, многу е тешко да наеднаш да се справиме со тој проблем, изјави неодамна Георгиески.

Од невладините организации, пак, рекоа дека според нивните информации имало речиси 700 решенија за отстранување на дивоградбите, само за територијата на Општина Охрид.

– За Општина Струга немаме информација за издадени решенија за уривање. А за Општина Дебрца не ни има регистар на бесправно изградени објекти. Колку што ние имаме информации претходно – ниту едно од решенијата не е спроведено, ниедна дивоградба не е целосно отстранета. Сè уште стои дури и онаа бесправно изградена куќа на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид што ги полнеше страниците на медиумите и се најавуваше со зурли и тапани како почеток на акцијата за рушење на дивоградбите. Не само што стои, туку веќе има и покривна конструкција што ја немаше до средината на минатиот месец. Сe што беше отстрането во претставата за јавност е санирано, ставени се ПВЦ-прозорци и врати, рече во интервјуто за порталот Факултети, Драгана Велковска, активистка од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“, според која преместување на листата со светско наследство во опасност регионот конечно ќе ја добие помошта што му е очајно потребна.

Текстот во целост на: омплетната информација НОВА ТВ.

На почеток