Некатегоризирани

Историјата на Дебар Маало

Веднаш во близина на Градскиот парк, а од десната страна на реката Вардар се наоѓа Дебар маало. Живеалиштето го пронашле прогонети Македонци од делови на Западна Македонија кои со сила биле раселени и своето ново место на живеење го нарекле според името на етнографскиот предел од каде што дошле.

Местото каде што било лоцирано оваа маало било едно од поновите предградија на Скопје. Пред тоа, на оваа место постоеле градини и ниви. Првите куќи биле подигнати во 1920 година од страна на браќата Петар и Андреја Митровиќ и од Јован Поповиќ. Тие потекнувале од Голо Брдо, дебарско, регион што по 1918 година припаднал на соседна Албанија. Спомнатите дебарчани во 1919 година се населиле во Скопје, каде што купиле плацеви и изградиле куќи на просторот на некогашното Дебар маало. Овој простор се уште не се сметал за градски, туку спаѓал во атарот на селото Долно Водно.

Во 30-тите години на минатиот век, по економската криза, во Дебар маало почнале да се доселуваат и жители од стариот дел на Скопје. Напуштањето на старите реони во Скопје било резултат на тешкиот економски живот. За продадениот имот во стариот град или како што го нарекувале Старо Скопје, можело да се купи нов план на периферија за градење куќа и да се подмират долговите на фамилијата и слично.

Од Железничката колонија и Учителската школа, се до 1920 година, Дебар маало било одделено со празен простор што го населувале доселениците. Дебармаалците биле прочуени ѕидари. Овој занает се пренесувал од генерација на генерација. Ретко некој член од ѕидарска фамилија се занимавал со друг занает. Жените во Дебар маало, освен вршењето на сите домашни женски работи, се занимавале со везење и на тој начин заработувале пари.

Дебар маало главно било населено со сиромашно население, но во него имало и “многу куќи на кат”, односно куќи на побогати семејства. Куќите во оваа маало биле градени од тврд материјал и олитар, но со оглед дека биле градени според економските можности на секој доселеник, честопати биле дивоградби и без план. Внатрешното уредување на дебармаалските куќи било полуградско, а во некои фамилии се спиело на под. Имале мебел кој со себе го донеле од старото место на живеење. Мебелот се состоел од кревети, ормани, маси, столови, отомани и слично.

Животот во Дебар маало бил мирен. Самите дебармаалчани биле способни и вредни, а тоа особено се однесувало на Мијаците. Меѓусебните односи биле добри, но сепак со некоја одвоеност. Мијаците се дружеле со Мијаци, скопјани си скопјани, односно меѓу нив имало повеќе разбирање отколку со жителите доселени од другите краишта.

Во Дебар маало имало неколу дуќани од кои се снабдувало населението.

Наброените дуќани, млекари, фурни и слично, служеле за задоволување на секојдневните потреби на дебармаалците, додека со сите други производи се снабдувале од градските пазари и дуќани во чаршијата на градот. Со ваков начин на живот, жителите од оваа маало постепено се вклопувале во градскиот живот.

Дебар Маало урбанистички денес го опфаќа реонот меѓу Партизанска и Илинденска, од Соборна Црква, па се до поранешно Симпо, вклучувајќи ги и објектите кај Градскиот парк.

Денес во оваа стара градска населба е сместена една од најпознатите пешачки улици во градот, Боемската улица. Отворена пред неколку години оваа улица живее во духот на старите боеми и скопјани кои во старо Скопје биле живи легенди. Кафулиња, гостилници, ресторани, оваа е најдоброто место во градот ако сакате да ја почувствувате атмосферата со кафе или салата и ракија на најпознатото маало во Скопје.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток