Македонија

Детектор анкета: Две третини од граѓаните поддржуваат членство во Европската Унија

Две третини од граѓаните ќе гласаат за влез на Македонија во Европската Унија доколку утре се
одржи референдум за тоа, покажува најновото истражување на јавното мислење кое за Детектор
го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје. Според него, доколку утре се одржи
референдум, 65,5% од граѓаните ќе гласаат за влез на земјава во ЕУ, додека 17,2% би гласале
против.

Во споредба со анкетата која Институтот за политички истражувања Скопје за Детектор ја
спроведе во септември нема некоја значителна промена на расположението на граѓаните. Во
септември лани, 67,4% рекле дека ќе гласаат за влез на Македонија во ЕУ, а намалувањето на
поддршката од 1,9 процентни поени е во рамките на т.н. маргина на грешка. Слична е ситуацијата
и кај евроскептиците. Таму, за нешто помалку од 6 месеци, бројот на противници на влезот во ЕУ
се намалил за само 0,1 процентен поен.

36,7% од граѓаните очекуваат земјава да добие датум за старт на преговорите во мај, додека
46,3% се на ставот дека Македонија во мај нема да ги почне преговорите.
Доколку нема преговори во мај, 30,3% од граѓаните сметаат дека вината за тоа треба да се лоцира
во власта, а 17,6% во опозицијата. 16,5% сметаат дека вина за тоа треба да носат одредени земји
членки, додека 8,1% вината ја бараат на друго место. На истото прашање, ИПИС за Детектор спроведе истражување во јавното мислење и во септември.

Тогаш, вината во власта ја лоцираа 34,7% од анкетираните или за 4,4 процентни поени повеќе од
последното истражување. Се намалил и бројот на граѓани кои вината ја лоцираат во опозицијата и тоа од 19,7% во септември лани на 17,6% во анкетата спроведена на крајот од минатиот месец. ЗА разлика од ова намалување, речиси двојно се зголемил бројот на граѓани кои вината ја лоцираат кај одредени земји членки и тоа од 8,2% во септември лани на 16,5% во најновото истражување на јавното мислење.

44,4% од анкетираните велат дека забелешките на одредени земји членки на ЕУ во однос на
добивањето датум за старт на преговорите се оправдани, додека 31,1% го тврдат спротивното, а
24,5’% немаат одговор на ова прашање.

Во споредба со септемвриската анкета, може да се забележи дека сега, граѓаните гледаат
поголема оправданост на забелешките на ордени земји членки. Ако во септември 41,4% сметале
дека забелешките се оправдани, во последната анкета бројот на граѓани со овој став се зголемил
на 44,4%.

Слично е движењето на расположението на граѓаните кои сметаат дека забелешките не се
оправдани. Од 26,7% во септември лани, бројот на граѓани кои сметаат дека забелешките не се
оправдани се зголемил на 31,1%. За сметка на тоа, за околу 6,5 процентни поени се намалил
бројот на граѓани кои немаат одговор.

58,4% од граѓаните Европската Унија ја гледаат како единствена опција за иднината на
Македонија додека 18,6% од анкетираните мислат дека земјава има и други алтернативи. Од нив
4,7% сметаат дека тоа треба да биде евроазискиот сојуз, 2,6% да не се членува во сојузи а 1,9%
сметаат дека најдобра алтернатива би била балканскиот сојуз. 0,8% сметаат дека тоа е Кина а 0,6% имаат друга алтернатива.

Најголемиот број граѓани очекуваат земјава да стане членка на ЕУ во следните 5 години. Ваков
став имаат 27,3% од анкетираните. Една четвртина од анкетираните или 25,8% сметаат дека
Македонија никогаш нема да стане членка на ЕУ. 16,6% очекуваат членство во следните 10
години, 10,1% следната година и 9,5% во следните 15 години.
Граѓаните се поделени околу оценката за идејата за „мал шенген“, која подразбира економска
интеграција и регионална соработка меѓу Македонија, Албанија и Србија. 42,4% од анкетираните
на ова гледаат позитивно додека 39,9% негативно.

44% од анкетираните сметаат дека договорите со Бугарија и Грција не беа правилни одлуки. За
разлика од нив, 41% сметаат дека овие одлуки биле правилни додека 15,1% од анкетираните
немаат одговор на ова прашање.
Во споредба со септемвриската анкета, пораснал бројот и на граѓани кои договорите ги сметаат
како правилна, но и на оние кои во нив гледаат погрешна одлука.
Па така бројот на граѓани кои сметаат дека договорите биле погрешен чекор од 40% во септември
лани се зголемил на 44% во последната анкета. Бројот на граѓани кои ги поддржуваат овие
договори, од 38,4% во септември се зголемил на 41% во анкетата спроведена на крајот од
минатиот месец.

За сметка на тоа, за околу 6 месеци, бројот на граѓани кои немаат одговор на ова прашање се
намалил за 6,5 процентни поени.
Истражувањето на јавното мислење по нарачка на Детектор го спроведе Институтот за политички
истражувања Скопје преку телефонска анкета во периодот од 28 до 31 јануари оваа година врз
репрезентативен примерок од 1083 испитаници со маргина на грешка од плус-минус 3%.

фото: детектор

На почеток