Македонија

Јанкуловски: Одблокирани 5 милиони американски долари на Фондацијата Атанас Близнакоф, 31 студент добиваат стипендија од 1000 евра

На 31 редовни студенти од прв циклус студии на Универзитетот Св. Кирил и Методиј кои покажуваат висо­ки резултати во студирањето, а кои се со послаба материјално-финансиска состојба, ректорот на Универзитетот Никола Јанкуловски денеска им додели договори за стипендии во висина од по 1000 евра годишно, средства кои се обезбедуваат од Фондацијата „Атанас Близнакоф“, еден од нашите најголеми донатори од дијаспората.

Стипендиите од Фондацијата којашто Близнакоф ја формирал во 1976 година, се со цел да им помага на младите талентирани студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кои покажуваат врвни резултати во студирањето и потекнуваат од социјално загрозени семејства. Од оваа година средствата се исплаќаат и од дивидендите и каматите од ослободените средства кои се наоѓаат на сметката којашто донаторот ја има во банка во Илиноис, Соединетите Американски Држави, каде во 2018 година се формираше сестринска фондација со што се ослободија 5 милиони американски долари кои со децении беа блокирани во САД.

„Ми претставува особено задоволство што успеавме да ги ослободиме средствата кои нашиот голем донатор Атанас Близнаков ги имаше на сметката во Илиноис, со што се овозможи од оваа година, а и во иднина, бројот на стипендии за нашите студенти кои покажуваат одличен успех во студирањето, а имаат материјално-финансиски проблеми, да биде поголем. На оваа сметка од смртта на Близнаков во 1998 година стоеја блокирани 5 милиони американски долари коишто успеавме да ги одблокираме, така што сега и тие се дел од Фондацијата. Благодарение на ова од годинава се зголеми бројот на студентите кои ќе добијат стипендија, а се зголеми и висината на месечниот надомест кој стипендистите ќе го добиваат во текот на 10 месеци од учебната година, кој сега изнесува 6.000 денари месечно. Сакам да нагласам дека стипендиите од Фондацијата се обезбедуваат исклучиво од камати, а сега и од дивиденди, додека главнината на средствата не се троши. Искрено се надевам дека во иднина ќе бидеме во можност уште повеќе млади да ја добијат за нив толку потребната финансиска помош, што беше и заложба и волја на нашиот голем донатор и хуманист Атанас Близнаков”, изјави проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот Кирил и Методиј.

фото: Element PR and Corporate Communication

На почеток