Во Панчево, Србија, утрово било украдено бебе, кое подоцна било најдено.
Драмата започнала околу седум часот кога Жељко З. (28) и Јасмина Н. (35) го пријавиле во полиција исчезнувањето на нивното осуммесечно бебе. Жената изјавила дека го нахранила бебето околу 4 часот наутро, по што со сопругот продолжиле да спијат.
Жељко се разбудил во 7 часот наутро и забележал дека го нема бебето во креветчето и во куќата. Мажот веднаш ја повикал полицијата. Во домот бил извршен претрес, а родителите биле подложени на полиграфско тестирање, каде било утврдено дека ја кажуваат вистината и навистина не знаеле каде е нивното бебе и во какви околности се изгубило, јавуваат српските медиуми.
Неколку часа подоцна, во соработка со граѓаните, бебето било пронајдено живо и здраво во количка, во приградска автобуска линија во близина на домот на родителите. Покрај количката, се наоѓало 12-годишно девојче кое питачело.
Во неформален разговор, таа признала дека е виновна и во 5.30 часот влегла во куќата и го украла бебето. Наводно, тоа го сторила затоа што нејзината сестра е во згрижувачко семејство и сакала да има бебе. За настанот се информирани службите во Центарот за социјална работа.
извор: Makfax