Македонија

Демант на Нехар Травел: Нашите автобуси тенденциозно и селективно беа вратени без никакво усмено или писмено образложение

Туристичката агенција Нехар Травел попладнево објави демант до медиумите кој објавија дека нивни автобуси биле вратени од граница. Во демантот не се демантира дека автобусите се вратени, туку се вели дека враќањето било тенденциозно и селективно, а медиумите се обвинети дека со голем број невистини го нарушиле угледот на агенцијата.

Во продолжние го објавуваме целосниот демант од Нехар Травел:

„Почитувани, Туристичката агенција Нехар Травел од Скопје најостро ги демантира вестите објавени денес на голем дел од порталите/медиумите во врска со настан случен на ден 12.03.2020 година, од причина што се истакнати голем број невистинити тврдења за случувањата околу аранжманот кој требаше да биде реализиран со крајна дестинација Херцег Нови, Црна Гора.

Имено, на граничниот премин Блаце вчера вечерта тенденциозно и селективно беа вратени двата наши автобуси без никакво усмено или писмено образложение.

Првиот автобус ја помина границата на С. Македонија без никакви проблеми со граничните и царинските формалности. Автобусот пристигна на границата со Косово, граничната полиција ја започна процедурата и ги превзема пасошите од патниците и истите ги врати назад со влезен Косовски печат во пасошите. Во меѓувреме пристигна и вториот автобус на граничниот премин Блаце, по што патролно полициско возило на Северна Македонија се упати кон граничниот премин со Косово да го спречи првиот автобус да ја помине Косовската границата на веќе завршената процедура на Косовскиот граничен премин. Во меѓувреме, патниот сообраќај на границата се одвиваше непречено без застои и ограничувања за сите останати возила.

Одговорот на прашањата зошто одлучивме да го реализираме патувањето е од следните причини: ·

Фактот што крајната дестинација на аранжманот за Херцег Нови, Црна Гора не се наоѓа на листата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на С. Македонија како земја со висок или среден ризик и се до овој момент е земја без ниту еден регистриран случај на корона вирус (COVID-19) ·

Претходно консултирање со Стопанската Комора за Туризам на С. Македонија (СКТМ) и останати надлежни институции од кои што е добиена информација дека не постои забрана за реализација на патувањето во Црна Гора. ·

Исполнување на законските обврски како организатор на патување, произлезени од договорите за патување согласно утврдените прописи. ·

Исполнување на обрските кон патниците кои не го откажаа патувањето и сакаа да го реализираат истото.

Во дополнување, би сакале и да укажеме на непрофесионалното постапување и известување на голем дел од порталите/медиумите, кои без претходна потврда на веродостојноста на објавените информации пренесоа голем број на невистинити, односно лажни информации поврзани со ТА Нехар Травел, а кои што накратко се однесуваат на следното: ·

Информацијата дека агенцијата организирала туристички аранжмани во високо ризични земји, односно дека постапувала спротивно на забраните на Владата на Република Северна Македонија, е информација која што најостро ја демантираме, а со оглед на фактот дека Црна Гора воопшто не се наоѓа на листата на Светската здравствена организација и Министерството за здравство на С. Македонија и не претставува земја со висок или среден ризик. ·

Информацијата дека агенцијата ги присилувала патниците да не ги откажуваат резервациите, односно да патуваат, претставува апсолутно невистинита информација. Сите патници беа дојдени по сопствена желба и избор.

Информацијата дека возачите на автобусите одбивале да постапат согласно наредбата од надлежните органи, повторно е невистинито и лажно обвинување.

Со ваквото постапување на дел од медиумите, на ТА Нехар Травел е нанесена ненадоместлива штета на угледот граден со години, поради што агенцијата ќе се обрати поединечно до секој портал/медиум со барање за објавување на демант, јавно извинување и повлекување на објавените лажни информации во врска со аранжманот за Црна Гора.

Воедно, сакаме да потенцираме дека и денес на граничниот премин Блаце не постои забрана за движење на патници и возила и непречено се пропуштаат сите возила и автобуси. Во однос на обештетувањето на патниците, ја информираме јавноста дека како и досега ќе постапуваме согласно важечките Општи услови за патување на СКТМ и ТА Нехар Травел“.

На почеток