Македонија

Стевкова-Штериева: Вашите пари се безбедни, а банките и штедилниците работат

Претседателот на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова-Штериева, се обрати до јавноста на прес-конференција, на која ги соопшти сите мерки што ги преземаат членките на МБА во актуелната ситуација наметната од ширењето на заразата од вирусот Covid-19.

Целото соопштение ви го пренесуваме во целост:

„Како што гледате во оваа просторија во овој момент сме минимален број лица согласно препораките од Владата. Во редовна ситуација, овде до мене ќе беа моите колеги и заеднички ќе ви се обратевме. Секако, пораките кои ќе ги споделам претставуваат заеднички ставови и пораки и од колегите од другите банки и од штедилници.

Прво, сакам да истакнам дека и по прогласувањето вонредна состојба, банките и штедилниците продолжуваат да работат. Ќе можете да ги вршите сите вообичаени банкарски активности, како и до сега, во делот на депозитното работење, кредитирањето, плаќањата, наплатите и тн. Навистина, сите сме свесни дека процесот е побавен од вообичаено, но тоа се должи на сетот мерки кои банките ги имаат преземено за заштита на здравјето на клиентите и на вработените, но и за обезбедување континуитет во работењето.

Уште еднаш, заради заштита на вашето здравје апелираме до вас да не подигнувате повеќе од потребната готовина за покривање на вашите потреби. Вашите пари се безбедни, а банките и штедилниците работат.

Подигнувањето готовина ве изложува на зголемен ризик од повеќе аспекти: интензивни контакти со други луѓе, потенцијално губење или кражба на вашите пари. Особено апелираме да се воздржувате од подигање готовина во девизи бидејќи девизите доаѓаат од меѓународниот платен промет и се потенцијална зараза со вирус, а истите не се платежно средство во нашата земја и не се неопходни за вашите секојдневни потреби.

И што е најважно, вашите пари во банките се безбедни и ви се на располагање во секое време бидејќи услугите на банките ќе останат достапни за вас.

Апелираме што повеќе да плаќате со платежни картички, да користите електронско банкарство и, ако имате потреба од готовина, да вадите од банкомати со цел што помалку да користите шалтери.

Што се однесува до економските ефекти од кризата и можноста за плаќање на обврските на компаниите и населението кон банките во иднина, сакам да ве известам дека претставници на банките активно соработуваат со Народната банка за изготвување решение кое ќе придонесе за олеснување на финансискиот товар на населението и на корпоративниот сектор и со тоа полесно надминување на негативните економски последици од пандемијата.

Ве уверувам дека сите сме на истата страна и дека банките имаат голем интерес да го задржат квалитетот на одобрените кредити, без притоа да се загрози стабилноста.

Ова е исклучително сложена проблематика за која мора умешно да се најде баланс меѓу потребите на реалниот сектор, кои ќе бидат големи, и обезбедувањето сигурност и стабилност на банкарскиот систем во целина.

На крајот, иако не е помалку важно, сакам да ве известам за подготовките кои се прават околу исплатите на пензиите во новонастанатите услови. Од понеделник влегуваме во последната декада од месецот, што значи дека се ближи исплата на пензиите. Сите знаеме како изгледаат банкарските шалтери кога се исплатуваат пензиите, а во моментот токму оваа категорија од населението е најранлива од аспект на изложеност на вирусот. Поради тоа од вчера започнавме интезнивна комуникација со Владата за изнаоѓање начин за безбедна исплата на пензијата на сите пезионери кои ќе сакаат да ја подигнат во готовина. За ова ќе имаме дополнително соопштение и јавноста ќе биде навремено информирана.

Сакам да упатам благодарност до јавноста и до медиумите за соработката и повторно апелирам доследно да се следат инструкциите од надлежните органи со цел полесно да се справиме со оваа ситуација.” – изјави претседателот на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова- Штериева.

фото: Македонската банкарска асоцијација

На почеток