Македонија

ЛДП: Владините мерки производ на демократска дебата, на ред е солидарноста на крупниот капитал

Во однос на вториот пакет на економски мерки кои ги најави Владата за ублажување на последиците од кризата предизвикана од Ковид-19, Либерално-демократската партија го поздравува пакетот економски мерки кој го усвои Владата, истакнувајќи ја важноста дека истите произлегуваат од демократската дебата која Македонија покажа дека може да ја води и во кризни моменти, се вели во соопштението од ЛДП.

Добро е што Владата ги послуша сите оние кои говореа јавно и во рамките на владините тела дека мора да се усвојат балансирани мерки со кои ќе се поддржат граѓаните но и малите и средни бизниси со цел полесно надминување на кризата.

Воедно ЛДП ги повикува големите и моќни компании како и оние кои можат да ја покажат општествената солидарност да го поддржат Фондот кој го направи Владата за надминување на кризата со Ковид-19.

Во очекување на понатамошни мерки кои Владата ќе ги објавува зависно од развојот на настаните, ЛДП ја повторува важноста за континуиран придонес на сите чинители во општеството за почитување на мерките, но и за конструктивен пристап во доставувањето на предлози за заедничко надминување на кризата која не засега сите поединечно и како нација во целина.

ЛДП ќе продолжи така да се однесува во рамките на Владата, се вели во соопштението од ЛДП.

фото: Архива

На почеток