Не е време за хуманост, туку за спречување на заразата, му порачаа дел од охриѓани на епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Жарко Караџовски, откако тој вчера порача дека не е хумано, ни коректно, ниту епидемиолошки издржано барањето на Општина Охрид да се забрани влез и излез за жители од други градови. Жителите на Охрид, но и околните туристички места преку коментари на социјалните мрежи изразија револт кон ставот на Караџовски. „Дали е нормален Караџоски? И по првиот случај во државата излезе и кажа дека не може да се затворат границите, протокот на пари мора да течел. Па дали си нормален ти Караџоски, како сега сите граници се затворени? Италија како се штити, регионите се затвораат за други жители за да немаат заразени лица. Слободно нека го затворат Охрид дури е со време!“, е еден од коментарите на социјалните мрежи, објави А1 ОН.
Охриѓани и покрај ставот на докторот Караџовски, не отстапуваат од барањето Охрид да биде затворен за време на велигденските празници, бидејќи, тридневниот карантин нема да ги спречи жителите на другите градови да отидат во Охрид. Некои од нив бараат Караџовски повеќе да не ја извршува функцијата на која е поставен.
„Абе браво, во Охрид има само четири случаи, па имаме полициски час поради други градови и држави. Хумано е да доаѓаат непрегледани во Охрид? Ти имаш грам ум?“, стои во еден коментар, а друг пак, вели: „Кажи нешто за тоа што сите сме затворени по домовите, или имаш стан/викендичка во Охрид и те боли сега? Обичниот народ може да биде затворен, а олигарсите не. Нив коронка ништо не им може“.