Македонија

Уште пет предлози за казнени налози поднесени во Струга

Основното јавно обвинителство Струга до надлежниот суд поднесе предлози за издавање казнени налози против пет лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Четворица од обвинетите не ја почитувале Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија. Во одделни кривично правни настани полициски службеници констатирале дека тие го прекршиле полицискиот час и без да поседуваат дозвола се движеле на различни локации во и околу Струга.

Петтиот обвинет, пак, 20-годишен скопјанец, се вратил од странство со хуманитарен лет организиран од Владата и по пристигнувањето му бил одреден задолжителен државен карантин во хотелот „Дрим“ во Струга. Но, на 6 април неколкупати излегол од собата и бил затекнат од полициски службеници. Откако полицајците го предупредиле дека не смее да ја напушта собата, тој им возвратил недолично и со висок тон, па полициските службеници интервенирале и го вратиле во собата.

Надлежниот јавен обвинител за сите обвинети му предложи на Судот да определи парични казни од 100 дневни глоби, а вредноста на една дневна глоба да биде одредена на 30 евра во денарска противвредност.​

фото: Архива

На почеток