Македонија

Студентското собрание при УКИМ бара од МОН социјални стипендии

Воведување социјална стипендија за сите студенти засегнати од финансиската криза, денеска побара Универзитетското студентско собрание (УСС )на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од УСС бараат оваа привремена економска мерка, во вид на вонредни социјални стипендии, да важи за студенти кои потекнуваат од семејства со низок доход ( со месечни примања до 14 000 денари по член на семејство), како и за студентите кои ќе приложат доказ дека еден или повеќе од членовите на семејството останале без работно место како последица од вонредната состојба.

Оттаму додаваат дека сумата на оваа вонредна стипендија дополнително ќе се утврдува во преговори со надлежните институции, пред се Министерството за образование и наука и Владата.

Лошата економска ситуација која во претстојниот период дополнително ќе се продлабочи е проблем кој не ги избегна ниту студентите. Голем дел од нив го финансираат своето образование од приходите на семејството, кои сега дополнително ќе бидат скратени, или пак од хонорарни и привремени ангажмани кои не се опфатени од досегашните мерки на Владата. Ваквата кризна состојба може да се надмине само со стабилно и систематско дејствување па затоа ги повикуваме надлежните институции да ги преземат потребните мерки со кои ќе се помогне на ранливите категории и студентите чии финансии енормно ќе бидат скратени во претстојниот кризен период“, велат од УСС.

За побараната нова категорија стипендии од Студентското собрание на УКИМ, од МОН велат дека ќе ја разгледаат иницијативата, а реализацијата ќе зависи од буџетските можности. А, за продолжувањето на учебната година во летниот период, од МОН со став дека не би можеле сега да конкретизираат дали тоа е изводливо зашто никој не знае, како ќе се развива ситуацијата со пандемијата од корона вирусот.

фото: Архива

На почеток