Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, заедно со Амбасадорот на Руската Федерација во РСМ, Н.Е. г-дин Сергеј Баздникин, положија свежо цвеќе на новоподигнатиот споменик во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
На 9-ти мај 1945-та година, во Берлин, претставниците на германските сили ја предадоа потпишаната капитулација на советскиот маршал Жуков и британскиот маршал Тедер. Со тој чин, завршува едно мрачно поглавје од светската историја.
“Денес, треба да бидеме помудри и да учиме од историјата. Да им бидеме благодарни на нашите претци, кои несебично се вклучија во битките и во борбите со окупаторот. Тие храбро и достоинствено ја извојуваа оваа голема победа за сите земји и народи и за враќање на светскиот мир, како една од највисоките цели на човештвото“, рече Богдановиќ.
Спомен-обележјето, донација од Амбасадата на Руската Федерација во РСМ, е подигнато во сеќавање на милионите војници кои ги положија своите животи во име на мирот и слободата.
„Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи. Како прототип или поточно, извор на идејата за него послужи споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија што близина во јануари 1942-ра година до март 1943 се одвиваа тешки крвави битки. Во нив загинаа речиси 400 илјади војници и офицери на Црвената Армија“, изјави Баздникин.
Општина Центар заврши со реконструкција на улицата на која се наоѓа споменикот, „9-ти Мај“. Стариот и дотраен асфалт е заменет со нов, на вкупна површина од 1076 м2, поставени се нови рабници, шахтите се нивелирани и реконструирани се тротоарите со нови префабрикувани бетонски елементи на површина од 1020 м2.
Со оддавање почит на загинатите во Втората светска војна и со пораки за продолжување на пријателството меѓу двата народи, македонскиот и рускиот, Богдановиќ и Баздникин ги повторија заложбите за унапредување на соработката и партнерството помеѓу Република Северна Македонија од една и Руската Федерација од друга страна.
фото:Општина центар